Дигитализацијата во високото образование е реалност, а не утопија – Во Штип организиран јавниот настан „#DigiU приказната на УГД – искуства и предизвици“

Каде нема работа – има критика, но не секогаш! Платформата #DigiU започна низа заеднички активности со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип за промовирање на дигиталната трансформација на овој универзитет, која треба да послужи како пример и подадена рака за соработка на оваа тема со другите државни универзитети и чинители во високото образование во земјата. Заедно со студентите и универзитетските професори од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип ги споделивме предизвиците и искуствата од процесот за целосна дигитализација, кој воопшто не е едноставен, но сепак е возможен доколку се вложи доволно работа, посветеност и пред се, постојано унапредување на вештини!

На дискусијата насловена „DigiU приказната на Универзитетот Гоце Делчев – Штип: искуства и предизвици“ присуствуваа претставници на УГД Штип, студенти и млади луѓе, граѓански организации, како и други заинтересирани релевантни чинители.

Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски истакна дека македонските универзитети треба многу да работат на полето на дигитализацијата, со цел студентите да добијат што е можно повеќе дигитални услуги кои овозможуваат побрза и поефикасна услуга.

„Истовремено им овозможуваат на студентите без никакви надворешни влијанија сами да ги контролираат сите административни процеси. Од друга страна се трудиме како Универзитет да вклучиме што е можно повеќе дигитални алатки во трансферот на знаење. Тоа е тема, за која верувам дека допрва заедно ќе разговараме. Младите генерации многу полесно и подобро од нас го прифаќаат тој процес на дигитализација“, рече изјави Мираковски.

Тој посочи дека соработката со студентите и младите е од особено значење, за да ги разберат нивните потреби, со цел да се прилагодат системите на Универзитетите за полесно да им се обезбеди трансфер на знаење, но и да не бидат оптоварени со непотребни финансиски трошоци.

Директорот на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи, во името на #DigiU иницијативата истакна дека од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ почнува јавната дебата за дигитализација на образованието. Посочи дека дигитализацијата е важна за студентите, но и дека е еден од начините како може да се зголеми квалитетот на високото образование.

„Преку дигитализација ние можеме да имаме поквалитетно високо образование. Како невладини организации и платформа сакаме да истакнеме дека студентите имаат сто проблеми, но чекањето на шалтери од страна на студентите не треба да биде дел од тие проблеми. Причината, зошто ние ќе организираме заеднички активности со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип е токму фактот што од нашите истражувања овој државен Универзитет се покажа мошне напред во процесот на дигитализација“, посочи Ходаи.

Тој нагласи дека ваквиот пример со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип покажува дека дигитализацијата не е утопија и може тоа да се направи во целата земја со цел да имаме поквалитетно високо образование.

„Сметам дека степенот на дигитализација на државните универзитети е на многу ниско ниво, особено доколку ги споредиме македонските универзитети со тие во Словенија или Естонија. Ова беше заклучено и со истражувањето кое беше спроведено во склоп на DigiU иницијативата, каде заедно со студентските претставници предложивме неколку конкретни предлози како да се подобрат двата клучни сегменти: е-услуги и е-учење.“, изјави Александар Каратошо, претставник на иницијативата #DigiU.

Додека, Шевал Зиза, студент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ и член на УСС при УГД нагласува „Уште кога започнав со моите студии по Општа медицина во рамки на универзитетот “Гоце Делчев” – Штип, бев многу пријатно изненаден колку услуги беа овозможени и олеснети со помош на дигиталните платформи кои ги нудеше универзитетот за секој член од него, а клуч за сите тие услуги беше само мојот студентски мејл. Во ова модерно време јас, но и секој академски граѓанин цени ефикасност, заштедено време и ресурси, затоа целосно ја поддржувам дигитализацијата во високото образование и особено ми е чест што сум дел од таква академска средина која што постојано се стреми да напредува во дигиталната фела“.

Што се однесува до идните планови на Универзитетот, раководителите за е-учење и е-индекс изјавија дека ќе внимаваат на збогатување на курсевите со разновидна содржина, што би им помогнало на студентите полесно да го совладаат материјалот. „Во таа насока планираме да одржиме серија обуки и семинари кои значително ќе придонесат за подобрување на веќе креираните курсеви но и за правилно осмислување на курсевите кои ќе се креираат во иднина“, изјавија Александар Велинов и Ристе Тимовски. универзитетски професори и раководители за е-индекс и е-учење.

Повеќе инфо:

Иницијативата #DigiU е иницирана од Форумот за образовни промени (ФОП-FECH), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување (YEA). Таа официјално започна на 3 февруари 2023 година, а на конститутивната средба присуствуваа и своја поддршка дадоа и дел од студентските собранија. „Студентите имаат 100 проблеми, но трчањето по шалтери не треба да е еден од нив!“ – беше заедничкиот заклучок за време на овој прв официјален состанок. За таа цел, студентите и нивните организации, обединети во рамки на #DigiU бараат дигитално трансформирани универзитети и дигитални услуги во високото образование!

Исто така, #DigiU организираше Форум на тема „Дигитализација на државните универзитети во Република Северна Македонија“, кој се одржа на 27.4.2023 година. Непосредно потоа беше промовирана и Анализата на состојбата со дигитализацијата на државните универзитети издадена на македонски и албански јазик. Оваа публикација е изработена од страна на ФОП, ИДУЕП и YEA и е поддржана од страна на European Endowment for Democracy (EED).

Анализата е достапна ТУКА

На 25.9.2023 година, претставници на иницијативата „#DigiU“ беа во работна посета на Штип каде се сретнаа со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски и со проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров. Тема на состаноците беше процесот на дигитална трансформација во високото образование и начините за негово унапредување. Посебен акцент беше ставен на позитивните практики кои овој Универзитет ги покажува во сферата на дигитализацијата на студентските услуги и е-учењето, па за таа цел, во наредниот период беше договорено организирање на заеднички настани со цел промоција на конкретни позитивни дигитални примери кои веќе даваат видливи и конкретни резултати за студентите, наставниот кадар и целокупниот високообразовен процес воопшто.

Поврзани соддржини

Leave a Comment