Отворена дебата за европските можности за младите и справување со младинскиот евроскептицизам

На 24 ноември 2025 година, во Скопје, се одржа кафе-презентација и отворена дискусија со претставници на младински граѓански организации, младински активисти, млади лидери и Млади европски амбасадори (YEAs) од Северна Македонија, посветена на публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам во земјите од Западен Балкан, со фокус на Северна Македонија“.

Настанот обедини млади претставници од различни организации и иницијативи, кои активно учествуваа во дискусијата, споделувајќи лични искуства, предлози и конкретни идеи за надминување на евроскептичните тенденции кај младите и зајакнување на довербата во европската перспектива на земјата.

Од анализа кон решенија

Кафе-презентацијата беше организирана како неформален, но содржински насочен простор за дијалог, во кој наодите од публикацијата беа искористени како основа за поширока дискусија за тоа што значи европската интеграција за младите денес, кои се нивните очекувања и каде ја гледаат одговорноста на институциите, но и на самите млади.

Присутните учеснички и учесници се согласија дека постоечкиот евроскептицизам кај младите не претставува отфрлање на Европската унија, туку реакција на долгогодишната неизвесност, недовербата во институциите и чувството дека младите ретко се вистински вклучени во креирањето политики. Во таа насока, беше нагласена потребата од појасна, поискрена и деполитизирана комуникација за европскиот процес, но и од дополнителни конкретни, видливи можности за младите на национално и европско ниво.

Активна улога на младите

Во текот на дискусијата, младинските активисти и претставници на организациите предложија низа идеи и пристапи за поактивно вклучување на младите во европската агенда, вклучително и подобро информирање за програмите за мобилност, пракса и вработување, поголема поддршка за младински иницијативи на локално ниво и воспоставување редовен дијалог помеѓу институциите и младинскиот сектор.

Посебен акцент беше ставен на борбата против корупцијата како клучен предуслов за враќање на довербата кај младите, но и на потребата младинските политики да се гледаат пошироко: како прашање на образование, вработување, животен стандард и квалитет на јавните услуги.

Иницирани следни чекори

Настанот не заврши само со размена на мислења, туку и со иницирање на понатамошни активности и соработка. Дел од учесниците изразија интерес за вклучување во идни консултативни процеси, заеднички иницијативи и јавни дебати поврзани со европската интеграција и младинските политики.

Кафе-презентацијата ја потврди важноста од создавање безбедни и отворени простори за дијалог, каде младите не се само публика, туку активни соговорници и партнери во процесот на справување со младинскиот евроскептицизам и обликување на европската иднина на земјата.

Публикација со јасна цел: справување со проблемот

Публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам во земјите од Западен Балкан, со фокус на Северна Македонија“ има јасна цел: да придонесе кон надминување на евроскептичните тенденции, преку препораки за националните институции и институциите на Европската унија, како и да овозможи поголемо учество на младите и реални европски можности во земјата и регионот.

Повеќе информации и достапност на публикацијата

Документот со политики „Справување со младинскиот евроскептицизам во земјите од Западен Балкан, со фокус на Северна Македонија“ е авторско дело на Бојан Кордалов (ECE Brussels) и Теодора Ставрова (ИДУЕП), како и со Ивајло Цонев како уредник. Публикацијата е објавена во октомври 2025 година како заедничко издание на Европскиот центар за извонредност (ECE Brussels), Фондацијата Фридрих Науман (FNF) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Публикацијата се темели на сеопфатно истражување, вклучително и онлајн анкета со повеќе од 1.000 млади испитаници, и нуди анализи и препораки базирани на докази за националните влади во земјите кандидати за членство во ЕУ, институциите на Европската унија и младинските организации, со цел зајакнување на довербата во процесот на европска интеграција.

Публикацијата на македонски јазик е достапна на следниот ЛИНК

Англиската верзија може да се преземе од официјалната веб-страница на ECE Brussels на овој ЛИНК

 

…

 

English version for these activities is available on the official ECE Brussels website and available here: https://www.excellenceeurope.org/news/turning-research-into-action-addressing-youth-euroscepticism-at-the-assembly-of-north-macedonia

Поврзани соддржини

Leave a Comment