Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во периодот од 28 ноември до 30 ноември 2025 година, учествуваше на Академијата за жени лидери на Балканот, организирана од Фондацијата „Фридрих Науман“. Претставничка на ИДУЕП на академијата која се одржа во Софија, Бугарија, беше Теодора Ставрова.
Академијата имаше за цел млади и просперитетни жени, меѓусебно да си ги раскажат своите успешни приказни и да се соочат со своите стравови. Три успешни млади менторки овозможија одлична организација, преку презентации и заеднички тим игри да допрат до учесниците и да ги натераат да согледаат внатре во себе, да размислуваат за своите идеи, визии и желби. Во текот на академијата со сите активности фокусот беше на работа на себе и скриените несигурности, и да се укаже повторно и гласно на фактот дека жените имаат право да седат на одлучувачки маси.

Академијата собра, на едно место, жени од повеќето земји од Источна Европа кои треба да си се една на друга поддршка и да соработуваат за заеднички успеси во земјите. Гостинка на академијата беше министерката за правда на Босна и Херцеговина, Дарја Софтиќ Кадениќ, која со својата инспиративна приказна укажа на тоа дека со труд, посветеност и верба во себе и своите идеали, може да се остави позитивен пример во општеството.
ИДУЕП е партнерска организација на Фондацијата „Фридрих Науман“ од 2022 година, а соработката се фокусира на повеќе главни области, вклучувајќи иновации, дигитални технологии и ВИ, како и поддршка за млади, жени и европски интеграции.

