Покана за настан: „#DigiU приказната на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип – искуства и предизвици“

Платформата за дигитализација во високото образование „DigiU“ во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, организира јавна дебата на тема „DigiU приказната на Универзитетот Гоце Делчев – Штип: искуства и предизвици“.

За таа цел, со особена чест ве покануваме на настанот кој ќе се одржи на 22.11.2023 година, среда, со почеток во 11 часот, во просториите на тренинг центарот на УГД Штип. Целта на настанот е презентација на искуства, предизици и научени лекции од досегашниот процес на дигитализирање на УГД Штип, како и отворена дискусија за придобивките од дигиталната трансформација на универзитетите за самите студенти, наставниот кадар, но и економијата и развојот на општеството во целина.

Воведни обраќања ќе имаат проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Бленди Ходаи, директор на Форум за образовни промени (ФОП) како дел од #DigiU иницијативата. Во рамки на јавната дебата: „Како започна приказната со дигитализација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и кавки се досегашните резултати ќе зборуваат Станела Гацова, претставничка од Универзитетското Студентско Собрание при УГД, доц. д-р. Александер Велинов, шеф за е-учење на УГД Штип, доц. д-р. Ристе Тимовски, шеф за е-индекс на УГД Штип, како и Александар Каратошо, претставник на инициjативата #DigiU. Настанот ќе го модерира Шевал Зиза, потпретседател на УСС при УГД Штип.

Повеќе инфо:

Иницијативата #DigiU е иницирана од Форумот за образовни промени (ФОП-FECH), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување (YEA). Таа официјално започна на 3 февруари 2023 година, а на конститутивната средба присуствуваа и своја поддршка дадоа и дел од студентските собранија. „Студентите имаат 100 проблеми, но трчањето по шалтери не треба да е еден од нив!“ – беше заедничкиот заклучок за време на овој прв официјален состанок. За таа цел, студентите и нивните организации, обединети во рамки на #DigiU бараат дигитално трансформирани универзитети и дигитални услуги во високото образование!

Исто така, #DigiU организираше Форум на тема „Дигитализација на државните универзитети во Република Северна Македонија“, кој се одржа на 27.4.2023 година. Непосредно потоа беше промовирана и Анализата на состојбата со дигитализацијата на државните универзитети издадена на македонски и албански јазик. Оваа публикација е изработена од страна на ФОП, ИДУЕП и YEA и е поддржана од страна на European Endowment for Democracy (EED).

Анализата е достапна ТУКА

На 25.9.2023 година, претставници на иницијативата „#DigiU“ беа во работна посета на Штип каде се сретнаа со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски и со проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров. Тема на состаноците беше процесот на дигитална трансформација во високото образование и начините за негово унапредување. Посебен акцент беше ставен на позитивните практики кои овој Универзитет ги покажува во сферата на дигитализацијата на студентските услуги и е-учењето, па за таа цел, во наредниот период беше договорено организирање на заеднички настани со цел промоција на конкретни позитивни дигитални примери кои веќе даваат видливи и конкретни резултати за студентите, наставниот кадар и целокупниот високообразовен процес воопшто.

Поврзани соддржини

Leave a Comment