Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини“ промовиран во Министерството за информатичко општество и администрација

Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“ е промовиран во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Копија од Прирачникот беше предадена на министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу од страна на коавторите Тоше Зафиров и Бојан Кордалов. Исто така, печатени примероци на македонски и албански јазик беа поделени во архивата и библиотеката на МИОА, а за потребите на вработените во надлежните сектори.

За време на средбата со министерот Алиу на која се разговараше за потенцијалите за соработка меѓу министерството и ИДУЕП, беше презентирана и улогата и значењето на овој Прирачник, како и можностите за негова практична примена од страна на единиците на локална самоуправа во земјата.

Прирачникот за дигитална трансформација се фокусира кон иновативната и практична улога што дигитализацијата и дигиталната трансформација ја имаат во процесот на комуникација и овозможување ефикасни дигитални услуги на јавната администрација на локално ниво. Дадени се принципи, но и конкретни примери на дигитални платформи што едноставно може да се применат во општините во земјава и регионот на Западен Балкан.

Овој прирачник насловен „Дигитална трансформација кон е-општини“ е изработен од страна на авторите Бојан Кордалов и Тоше Зафиров, а уредник е Ивајло Цонев.

Тие истакнуваат дека нивната цел е да дадат конкретен иницијален придонес во надминувањето на јазот што постои помеѓу волјата за имплементација на дигитални решенија и немањето доволно финансиски и кадровски потенцијали за нивна примена на локално ниво. Веруваат дека Прирачникот ќе поттикне на конкретна акција во општините, како и да мотивира други автори и практичари во продлабочување на оваа тема и постигнување видливи резултати во сферата на дигиталната трансформација.

„Дигитализацијата на локално ниво е првиот впечаток за граѓаните дали државата е функционална или ефикасна или, пак, спротивно од тоа, бирократизирана, односно дека граѓаните што ја финансираат ги става во втор план. Дигиталната трансформација гарантира транспарентност, инклузивност и отвореност, на тој начин исполнувајќи ги предусловите за добро и ефикасно управување. За работата на општините и јавната администрација, граѓаните мора да бидат информирани, што е предуслов за поттикнување на нивно учеството во креирањето и спроведувањето политики на локално, а секако и на пошироко национално и глобално ниво“, се наведува во предговорот на публикацијата.

Вклучени истражувачи во изработката на овој Прирачник беа и Невена Георгиевски, Јана Мировска, Теа Димковска и Дарко Беровски.

Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“ е издаден во февруари 2022 година на македонски и албански јазик од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи и Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“. Исто така, достапно е и кратко резиме на Прирачникот на англиски јазик.

Сите јазични верзии се достапни и на следниот линк: https://iduep.org.mk/2022/04/05/prirachnik-digitalna-transformatsija-kon-e-opshtini

Поврзани соддржини

Leave a Comment