Повисоки плати, квалитет на живот и младите рамноправно да одлучуваат – ИДУЕП на вицепремиерот Битиќи му ги предаде заклучоците за професиите на иднината

Младите бараат повисоки плати, можност да работат на далечина, флексибилно работно време, европски квалитет на живот, поддршка за професиите на иднината кои се базирани на ИТ технологиите, но и занаетчиски професии – ова се дел од сублимираните заклучоци во рамки на Анализата „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ која беше предадена вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Во рамки на настанот кој се одржа на 14 март 2023 година, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) организираше и заедничка дебата за овие, но и други проблеми и предизвици со кои се соочуваат младите.

Вицепремиерот Битиќи изрази подготвеност барањата и потребите на младите луѓе да бидат претворени во конкретни политики од страна на Владата.

„Моја главна заложба како вицепремиер, но и на целата Влада е креирање на високо платени работни места за младите,  што претставува еден императив, бидејќи младите сакаат да им се даде шанса да успеат овде, во нивната татковина, преку обезбедување на квалитетни работни места. Праќам порака до сите млади и сакам да ги уверам дека внимателно и секогаш ги слушам“, истакна тој.

Заменик-претседателот на Владата истакна дека иднината на младите е во четвртата индустријализација која нуди квалитетни работни места, а тоа се вештачката интелигенција преку учење роботика, дигиталниот маркетинг, сајбер сигурноста, мекатрониката, роботика, како идните професии кои ќе се бараат на пазарот на труд, и дека заедно со нив ќе соработува ова да се вметне во формалното и во неформалното образование.

Претседателот на ИДУЕП, комуникологот Бојан Кордалов, изјави дека очекува конкретни акции што треба да се направат од страна на Владата и институциите на централно и локално ниво.

„Во изминатата година и пол постигнавме многу – изработивме конкретни заклучоци и препораки кои денеска ги доставуваме до вицепремиерот и Владата на натамошно разгледување со цел да биде уште повеќе слушнат гласот на младите кои учествуваа во овие активности. Има доволно стратегии за млади, затоа е потребна конкретна акција што ќе почне веднаш“, рече Кордалов.

Според наодите на ИДУЕП бројките за недоверба на младите во институциите се повеќе од поразителни и ако не се променат работите, нема да може да излеземе од процесите на масовно иселување и недостиг на иднина во земјава.

Ако сакаме да ги смениме работите, мора да се посветиме и да дејствуваме заеднички и брзо зашто младите тоа на сите ни го препорачуваат, посочи комуниколог.

„Едноставно, младите луѓе јасно кажуваат и бараат и тие да бидат вклучени во носењето одлуки од страна на институциите на централно и локално ниво. Во исто време тие со право очекуваат квалитет на живот каков што имаат нивните европски врсници – добро здравствено осигурување, здрава животна средина, културни настани и слично. Токму овие се многу често еднакво важни причини како и повисокиот стандард, зошто младите се решаваат да се иселат во друга земја“, додаде Кордалов.

Од Институтот посочија дека охрабрува дијалогот и отвореноста на институциите на сите нивоа на власт да ги слушнат потребите на младите и изразија надеж дека многу брзо овие прашања ќе станат составен дел од агендата на сите институции, како и дека сѐ повеќе млади луѓе ќе бидат дел од процесите на одлучување во рамки на локалната и централните власти.

Целиот настан се одржа во просториите на Europe House во Скопје каде младинските претставници на почетокот имаа можност да поразговараат на актуелни младински теми и со амбасадорот на Европската Унија (ЕУ), Дејвид Гир.

 

Видео од дебатата:

 

Повеќе информации:

Анализата е изработена како завршен дел во рамки на истоимениот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ имплементиран од страна на ИДУЕП, кој е финансиран од страна на Европската Унија, а субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и 3 партнерски организации од регионот.

На ден 22.2.2023 година, собранискиот Национален совет за евроинтеграции на својата Деветта седница, како единствена точка на дневниот ред ја разгледа и едногласно ја усвои Анализата „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат вештини денес” изработена од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи. Пратениците и другите членови на НСЕИ едногласно одлучија анализата на ИДУЕП со заклучоците и препораките, заедно со стенографските белешки од седницата, да се достават до Владата за нејзино информирање и натамошно постапување. Повеќе инфо ТУКА

Претходно, во рамки на овој проект беа организирани два поголеми настани, серија јавни настапи, како и средби со општествени чинители каде заинтересираните страни заеднички ги идентификуваа потребите, барањата и очекувањата на младите луѓе со институциите да градат успешни приказни и инклузивни младински политики, првенствено преку вклучување на секој млад човек во обликувањето на својата иднина. Исто така, една од главните компоненти беше идентификување и на потребите на бизнис заедницата при процесите на вработување и отворање на нови работни места кои ги засегаат и директно таргетираат младите луѓе. Во активностите на проектот се вклучија поголем број на младински организации и индивидуи, стопанските комори, како и јавни институции со надлежност во оваа сфера.

На изработката на Анализата директно работеше тим од 5 луѓе, меѓутоа таа претставува дел од годишен консултативен процес во кој беа вклучени над 30 младински организации, стопанските комори со свои претставници и претставнички, над 50 активни млади луѓе, како и други општествени чинители.

 

Анализата на македонски и албански јазик е достапна ТУКА

Поврзани соддржини

Leave a Comment