ИДУЕП ги зајакнува своите капацитетите – Успешно заврши Меѓународната академија за лидерство во Германија

Интерактивни предавања, вежби за самостојно учење, симулации, панел дискусии со локални и лидери од разни делови на светот – ова беа дел од содржините за време на Меѓународната академија за лидерство на Фондацијата Фридрих Науман која се одржа во период од 11 до 23 август 2024 година во Германија. На покана на нашата партнерска организација, Фондацијата „Фридрих Науман“, претставник на Академијата од земјава и од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) беше Стефан Атанасовски Трајковиќ, заедно со колеги од уште 26 земји од светот, претставнички и претставници на НВО кои работат во секторите економија, социјална правда, човекови права, добро управување, едукација на млади, дигитализација, младински стандард, демографски истражувања, креирање политики, хуманитарна помош и правна поддршка.

Во богатата двонеделна програма, учесниците имаа можност да работат и учат за подобрување на организациската структура, системот на вредности и споделувањето позитивни пракси, а една од главните цели беше и меѓународна размена за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации која се одржа во Меѓународната академија за лидерство на Фондацијата „Фридрих Науман“ во Германија.

За време на Академијата, ИДУЕП ја претстави и Анализата за користење на социјалните медиуми, која Институтот ја изработува на годишно ниво и како успешен модел за дигитална транспарентност на државните институции е препознаена и споделена на вакви меѓународни активности и настани. Учесниците покажаа голем интерес за оваа Анализа, но и за успешната соработка на ИДУЕП со медиумите и видливоста на организацијата. Позитивните пракси на Институтот отворија широк дијалог за вистинскиот пристап кои организациите треба да го имаат во својата работа со цел поттикнување позитивна промена во локалните заедници и институции како транспарентни и отчетни пред граѓаните.

Овој настан беше одлична можност за вмрежување и дискусија со Литванскиот институт за слободен пазар кој е меѓу првите 2% од тинк-тенкови во светот и на шесто место во Централна и Источна Европа, меѓународно наградуван за својата работа во последните 30 години. Тие го претставија нивниот Индекс за перформанси на општините (Municipal Performance Index) кој вклучува 67 индикатори кои ги оценуваат општините во 3 категории: општини за граѓаните, општини за инвеститорите и општинска администрација и управување. Дополнителна мотивација за важноста на граѓанското општество и работата на НВО беше прикажана и од успешните резултати кои Институтот ги постигнал во образованието како автор на учебници за економија, граѓанство и етичност кои се користат во основните и средни училишта, за што се добитници и на Европската награда за иновативно учење.

Вториот дел од Академијата продолжи со посета на Берлин, каде беа остварени средби со четири организации кои работат во области на правна поддршка во случаи на сајбер насилство, едукација на политички лидери, поддршка за жени во политиката, демократски иновации, кризен менаџмент и работата на социјалните претпријатија.

Од страна на претставниците на Аполитичката фондација беа споделени нивните истражувања кои тие ги имаат спроведено во специфичната област, менталната благосостојба на политичарите, но и за едукативните програми кои тие ги нудат за политичките лидери на оваа и други теми. За важноста на оваа тема, зборуваат бројките од нивното последно 10-месечно истражување, спроведено со актуелни и поранешни политичари од Европа, Азија, Северна Америка, Латинска Америка, Африка и Океанија, кои велат дека политичарите имаат полоша ментална благосостојба од вработените во услугите за итни случаи. Просечниот пратеник во германскиот Бундестаг има работна недела од околу 70 часа наспроти максимално дозволените 48. Овие сознанија поттикнаа богата дискусија за важноста на добрата ментална благосотојба на народните претставници кои во име на граѓаните донесуваат одлуки и креираат политики кои го регулираат нашето секојдневие.

Сајбер просторот беше исто така предмет на дискусија во рамки на одржаните средби и обуки. Германската организација „HateAid“, која пружа услуги за директно советување и правна поддршка во случаи на сајбер насилство, но работи и на подидгнување на свеста за ова горливо прашање, како свои предлози за политики и законски измени предлага дигиталното насилство да биде целосно уредено и препознаено во правниот систем и тоа во сите негови форми. За ИДУЕП оваа тема беше од голем интерес поради заложбите и активностите на Институтот са дигитална трансформација, безбедност во сајбер просторот и респектибилна комуникација.

Како подобро да ги препознаваме и дефинираме предизвиците, проблемите и новонастанатите ситуации во нашата работа беше темата којашто беше предмет на дискусија со Томас Ланталер кој е специјалист во областа на менаџмент, решавање проблеми и креирање средини за учење и има богато меѓународно искуство и работа со лидери и организации во повеќе од 30 земји од светот. Голем фокус беше ставен на подготвеноста на организациите за надоаѓачки кризи, за која проблематика Ланталер е автор на книга во која го разработил концептот на „Подготвеност врз основа на навики“, што на организациите им дава можност повеќе да научат за сопствените организации и кризниот менаџмент успешно да го дизајнираат по своја мерка. Ефективното користење на ресурсите, но и дефинирањето на сѐ она што во работата на ГО е ресурс, исто така, беше тема на разговор.

Последните 3 дена од Семинарот беа организирани во просториите на Меѓународната академија за лидерство каде фокус беше ставен на креирањето средина која во организациите ќе овозможи постигнување што е можно подобри резултати. Беа презентирани концепти кои на различни начини го дефинираат патот до постигнување на подобри резултати, а од тсрана на учесничките и учесниците беше воочено дека сите имаат и заеднички именител кој се појавува во форма на комуникацијата и врските коишто секој ги гради со своите тимови и соработници. Овие содржини, беа извор на корисни пракси, но и потврда за принципите на работа на ИДУЕП каде добрата комуникација, транспарентноста и отвореноста за соработка се вбројуваат меѓу врвните приоритети во тековните активности и проекти.

На крајот на Академијата, беше организирана заедничка церемонијална вечера со основачот и првиот директор на Меѓународната академија за лидерство на Фондацијата „Фридрих Науман“,Јорг Дехнерт, кој ја основал оваа престижна Академијата во 1995 година.

Повеќе информации за Академијата се достапни на следниот линк: https://www.freiheit.org/de/iaf/focus/iaf

Поврзани соддржини

Leave a Comment