ИДУЕП останува партнер на Собранието во делот на младинските политики – Формиран Клубот за младински прашања во новиот собраниски состав

Директното младинско учество и ефектите на Законот за младинско учество и младински политики беа во фокусот на првата јавна дебата организирана од новоизбраниот состав на Клубот за младински прашања и младински политики при Собранието.

Свои воведни излагања за време на дебатата имаа новоизбраната координаторката на Клубот, Драгана Бојковска, како и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и директорката на Вестминстер фондацијата за демократија, Дона Костуранова.

Дискутантите се осврнаа на потребата од имплементација на Законот за младинско учество и политики од страна на институциите, но беа предложени и препораки за унапредување на постојниот Закон. Меѓу другото, беше силно препорачано дека е од голема важност Законот да се донесе со консензус помеѓу граѓанските организации, институциите и пратениците.

Младинските политики треба да бидат приоритет на сите политички партии, а Клубот на млади пратеници ќе биде застапник во парламентот за потребите на младите. Следење на законите поврзани со младите и подобрување на постоечките закони беа главните препораки од претставниците на младите во јавната дебата.

Координаторката на Клубот на крајот од настанот потенцирашше дека и понатаму Клубот останува партнер за сите младински организации и е отворен за соработка со сите заинтересирани страни во однос на младинските политики.

На настанот, покрај претставниците на ИДУЕП, беа поканети и повеќе соработници на Клубот кои се дел од невладиниот сектор и државни институции, а беше поддржан од Вестминстер фондацијата за демократија  како дел од проектот „Практикувај демократија“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Повеќе инфо: Клубот за младински прашања и политики при Собранието се состои од пратеници и пратенички од различни политички партии кои се на возраст до 39 години. Оваа интерпарламентарна група има за цел да промовира иницијативи и поддржува активности кои во средиште ја ставаат улогата на младите луѓе во општеството и подобрување на нивниот статус во секој сегмент.

Поврзани соддржини

Leave a Comment