Со заеднички напори до одржлива дигитална трансформација – Потпишан Меморандум за соработка меѓу МИОА и ИДУЕП

Со цел остварување на заедничките заложби за зајакнување на меѓусебната соработка  во насока на поддршка во напорите за воспоставување на инклузивен процес на дигитализација кој ќе донесе придобивки за секој граѓанин, а во насока на поддршка на активностите за дигитална општествена трансформација, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) склучија Меморандум за соработка.

Двете страни ставаат фокус во остварување на следните активности:

  • Поддршка за промоција на активности поврзани со дигитализацијата и одржливата дигитална трансформација на општеството со фокус на придобивките кои произлегуваат за граѓаните, организациите и компаниите од таквиот процес:
  • Воспоставување на поширока платформа на организации и други општествени чинители во процесот на креирање на одржлива дигитална трансформација на општеството, како и информирање на Министерството за преземените чекори и резултати во сферата на дигитализацијата, кои го подобруваат квалитетот на живот на секој човек;
  • Ставање на располагање на човечките и други капацитети на ИДУЕП во насока на давање на придонес кон МИОА како јавна институција за поддршка во: скрининг и процесот на преговори за членство во ЕУ, а во рамки на поглавјето 10 „Информатичко општество и медиуми“;
  • Вклучување во работни групи на МИОА и други работни тела на Владата координирани од Министерството, а со цел поголема инклузивност, компетентност и транспарентност;
  • Организирање на пошироки јавни настани со цел подигање на свеста од придобивките за граѓаните од дигиталната трансформација на општество;
  • Планирање на пошироки заеднички активности со цел градење општествена отпорност преку справување со дезинформациите и теориите на заговор поврзани со дигитализацијата кои имаат намера да ги поткопаат демократските придобивки и човековата слобода и права;
  • Други заеднички активности од овој домен, особено вклучување на младите во процесите на носење одлуки, како и обезбедување младинска поширока вклученост во националните активности поврзани со дигиталната трансформација на општеството.

Меморандумот е дел од напорите на ИДУЕП Институтот кои имаат за цел дигитализацијата на македонското општество конечно да стане национален и натпартиски приоритет кој ќе ги обединува различните општествени чинители, наместо да двои и поларизира. Имено, дигиталната трансформација продолжува да биде висок приоритет во работата на ИДУЕП, особено во првиот столб во работата на Институтот кој е посветен на областа на добро управување. Иницијативата започна за време на заедничка средба со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу во текот на март 2023 година. Потребата за натпартиска и национална платформа поврзана со процесот на дигитална трансформација ИДУЕП ја заговара и активно работи повеќе од 3 години бидејќи сметаме дека дигитализацијата како процес е клучен во сите сфери, особено ако сакаме напредок за граѓаните, воведување на принципите на компетентност, со акцент и на ефикасна и неселективна борба со партизацијата и корупцијата во земјава.

Потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу ИДУЕП и МИОА ги адресира овие теми и претставува темел за одржлива и долгорочна меѓусебна соработка на овој план. Очекуваме ова да биде директниот канал каде ИДУЕП ќе ги пласира своите предлози, иницијативи и идеи за одржлива и брза дигитализација на општеството од интерес на секој човек, како и местото каде дополнително ќе се даде поддршка на европскиот пат на земјата, особено во рамките на преговорите за членство во ЕУ, во делот на Поглавје 10 – Информатичко општество и медиуми.

Целиот текст на Меморандумот е достапен ТУКА

Поврзани соддржини

Leave a Comment