Младите и дигитализацијата во фокусот на работните средби во општините Чаир и Центар

Дел од пратеничките и пратениците од Клубот за младински прашања и политики при Собранието, заедно со претставници на Вестминстер фондацијата за демократија и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) беа во посета на општините Чаир и Центар. Пратениците Моника Зајкова, Дарко Каевски, Марија Петрушевска и Мухамед Кадриов на средбите со градоначалниците Висар Ганиу и Горан Герасимовски се информира за спроведувањето на младинските политики на локално ниво, разговараа за успесите и предизвиците во локалното спроведување на младинските политики, а особено внимание беше посветено на можностите за остварување на заедничка соработка и активности кои во центарот ќе ги стават младите луѓе, нивните потреби и вклученост во носењето на одлуки и креирање на политики.

Покрај младинските политики, како друга важна тема за време на ваквите теренски посети е дигитализацијата на процесите на локално ниво со што се очекува да се олесни пристапот на граѓаните, а особено на помладата популација до услугите на општините.

Ваквите посети се реализираа во рамките на иницијативата „Млади во фокусот“. Оваа активност се реализира во соработка со ИДУЕП, а беше финансиски поддржана од страна на Вестминстер фондацијата за демократија во рамки на проектот „Демократијата функционира“ финансиран од Британската амбасада.

Во рамки на средбата во Општина Чаир посебен акцент беше ставен на планираното формирање на локален младински совет и проектот за изградба на младински центар во Чаир. На средбата, освен градоначалникот Ганиу присуствуваа и претседателот на Советот на Општината, Јетмир Асани, како и одговорниот службеник за млади.

На состанокот во Општина Центар, главна тема беа активностите во локалниот младински центар, распределбата на буџетски средства за млади, како и можностите за олеснување на регистрацијата на младински организации во постоечките регистри. Како претставници на Општината учествуваа градоначалникот Горан Герасимовски и општинската младинска службеничка Јулија Герасимовска.

Исто така, за време на овие работни средни беше промовиран и Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“. Копија од Прирачникот беше предадена на градоначалниците од страна на коавторите Бојан Кордалов и Тоше Зафиров. Овој Прирачник се фокусира кон иновативната и практична улога што дигитализацијата и дигиталната трансформација ја имаат во процесот на комуникација и овозможување ефикасни дигитални услуги на јавната администрација на локално ниво. Дадени се принципи, но и конкретни примери на дигитални платформи што едноставно може да се применат во општините во земјава и регионот на Западен Балкан.

Иницијативата „Младите во фокусот“ има за цел зајакнување на соработката помеѓу Собранието и единиците на локалната самоуправа, со вклученост и на граѓанскиот сектор, а првенствено во интерес на подобрување на положбата на младите луѓе во општеството, како и процесот на дигитална трансформација кој е од интерес на сите граѓани. Досега вакви активности во рамки на иницијативата беа реализирана во соработка со општините Охрид, Валандово, Куманово, Струмица, Гостивар и Тетово.

Оваа иницијатива е дел од заложбите на собранискиот Клуб за млади пратеници за преземање на конкретни активности со цел вклучување на младите луѓе во општествените текови, како и нивна консултација и вклучување во процесот на носење одлуки од страна на јавните институции. Истовремено, иницијативата е дел и од соработката на Клубот со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) за вклучување на општините во заеднички активности кои имаат за цел поставување на дигитализацијата како натпартиски и национален приоритет, односно директна потреба и барање на младите луѓе од целата земја.

Поврзани соддржини

Leave a Comment