Студентите во фокусот на студиската посета на УСС УКИМ на Брисел

Во периодот од 4 до 7 Април 2024 година, во организација на Европскиот центар за извонредност (European Centre of Excellence, ECE) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), делегација на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) учествуваше во студиска посета на Брисел, Белгија.

Целта на дводневната посета беше директно запознавање на студентските претставнички и претставници со позитивни европски пракси, поврзување со меѓународни организации и ЕУ институции релевантни за европската перспектива на младите од земјата, како и креирање на можности за поврзување и вмрежување со цел реализација на заеднички интернационални иницијативи, проекти и активности. Во делегацијата беа Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ, Савче Ѓошева, студентска правобранителка при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Ристовски, потпретседател на УСС УКИМ, Мила Јовановиќ, секретар на УСС УКИМ и Давид Дамјаноски, раководител на секторот за меѓународна соработка при УСС УКИМ. На средбите учествуваше и Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.

Во рамки на посетата, беа остварени средби со Харалампос Папајоану, офицер за политики во Генералниот Директорат на Европската Комисија за образование, млади, спорт и култура (DG EAC), Марко Пауновиќ, директор на „Out of the box international“, Манел Санчез, директор на Асоцијацијата Европска младинска картичка, Милош Ристевски, генерален секретар на Европскиот младински форум (EYF) и Кристина Велковска Диаз, финансиска директорка (CFO) на Junior Achievement Europe. Дополнително, по враќањето од студиската посета беше договорен и онлајн состанок со директорот на International Student Identity Card со цел разгледување на можностите за соработка и поголемо вклучување на студентите од земјата во рамки на можностите и придобивките кои веќе ги користат студентките и студентите од земјите-членки на Европската Унија (ЕУ).

На средбата во DG EAC беа дискутирани политиките на Генералниот директорат, активностите и приоритетите на студентската организација и начините за воспоставување на заедничка продлабочена соработка во спроведувањето на политиките на Европската комисија.

За време на работниот состанок со Асоцијацијата Европска младинска картичка беа воспоставени контакти и дискутирани потребите за реална функционалност на картичката и продлабочување на соработката во сферите во кои дејствува организацијата.

На состанокот со најголемата чадор организација на младински организации во Европа, претставниците на УСС УКИМ ја увидоа работата на организацијата, главните цели кои ги спроведуваат низ долгорочна стратегија, а беше разговарано и за напорите и стратегиите за дејствување на УСС УКИМ со цел подобро и поуспешно застапување на студентите на домашно и меѓународно ниво.

На средбите со „Out of the Box International“ и Junior Achievement Europe се разговараше за потребите и позитивните европски пракси за креирање на вештини кај младите за создавање на претприемачки дух и врска помеѓу образованието и бизнис заедницата.c

Инаку, оваа посета е трета студиска посета на Брисел во организација на Европскиот центар за извонредност (European Centre of Excellence, ECE) од Брисел и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) која има за цел поврзување, како и подобро запознавање на граѓаните и младинските активисти од земјите кандидати за членство во ЕУ со европските институции, тинк тенк организации и придобивките од членството во Европската Унија.

Поврзани соддржини

Leave a Comment