Одржани консултативни средби со млади во рамки на иницијативата „Walk & Talk“ – Подигање на свеста за менталното здравје

Во текот на изминатите две недели, во просториите на Сојузот на извидниците во Скопје и Струга, се одржаа две консултативни средби со млади на возраст до 25 години, чија цел беше да дознаеме „што е она кое функционира“ во однос на менталното здравје кај младите, дали овој аспект е важен за нив и колку тие се подготвени да ја надминат стигмата поврзана со менталното здравје воопшто. Настаните беа одржани во хибриден формат, односно со физичко, како и онлајн присуство со цел можност за вклучување на млади луѓе од сите региони во земјата.

Добивме многу интересни одговори и размислувања кои ќе ни помогнат во наредниот период да ја спроведеме и дополнително развиеме програмата за иницијативата „Walk and Talk“ – серија од 16 настани низ целата држава со цел адресирање на важноста на менталното здравје кај младите луѓе.

„Walk and Talk“ настаните ставаат фокус на подигнување на свеста и надминување на стигмата поврзана со менталното здравје помеѓу младата популација. Целта е да се охрабрат младите луѓе на возраст помеѓу 15-25 години отворено да разговараат за предизвиците за менталното здравје преку пристап заснован на активности прилагодени за оваа возраст. Настаните ќе бидат организирани како младинска пешачка рута во секоја од 16 општини и Градот Скопје каде би се организирале разновидни дискусии и креативни активности. Како финален производ се предвидува изработка на публикација која ќе се однесува на клучните предизвици и предложените области на интервенција насочени кон справување и дестигматизирање на проблемите со менталното здравје кои ги доживуваат младите луѓе, како и јавно објавување на 16 Walk & Talk рути и предлог за нивно понатамошно користење од страна на младите луѓе и целокупната популација.

Проектот го спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници, а со поддршка на локалната Канцеларија на UNICEF и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Поврзани соддржини

Leave a Comment