Паркот кај општинската зграда во Гостивар беше главното собиралиште каде се случи спојот меѓу уметноста, дебатата и музиката вткаен во рамките на мултимедијалниот караван „Остави трага“. Ова беше шестиот од низата на јавни настани за подигање на јавната свест помеѓу младите луѓе, кој на едно место ги обедини преставничките и претставниците на локалната и централната власт, меѓународните претставници, како и граѓанскиот и бизнис секторот, но и многу млади луѓе кои со практичен и личен пример ги повикаа своите врсници и младите генерации да бидат поактивни и повеќе вклучени со свои иницијативи во креирањето на општеството.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во своето обраќање се осврна на нејзиниот личен активизам на полето на родовата еднаквост и процентуалната застапеност на жените во македонското собрание.
„Досега сме направиле многу заедно со граѓанските и меѓународните организации. И нема да застанеме тука. На жената еднакво и припаѓа местото во сите општествени сфери. За ова не е потребна сила, туку неопходна е храброст и мудрост, а жените го имаат тоа. На ваков начин сакам да пренесам и порака до младите со цел да креираме политики кои ќе значат подобар квалитет и подостоинствен живот за секој во државата“, рече Тренчевска на панел дискусијата на караванот „Остави трага“ во Гостивар.
Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир ја раскажа својата лична приказна и испрати охрабрувачки пораки до сите млади луѓе од мултикултурен Гостивар.
„Гостивар е прекрасен град со различности, со младо население и мојата порака вечерва за младите е: активирајте се, а ако веќе го правите тоа, останете активни. А пораката до целото население: градов има прекрасно наследство, наследство на различности и посилни и побогати сме кога работиме заедно и најдобро го искористуваме тоа наследство“, рече амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
Во своето обраќање, Марија Андреева, проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје истакна дека оваа заедничка Програма на Европската Унија и Советот на Европа ќе продолжи со поддршката на вакви активности кои имаат за цел зајакнување и поддршка за еднаквост и различност, зајакнување на заедничката борба против дискриминацијата и говорот на омраза, како и дека меѓусебното почитување и еднаквост се најдобрата трага која можеме да ја оставиме во општеството.
На панелот со свои обраќања имаа и Магдалена Несторовска, државна секретарка во МВР, Намик Дурмиши, заменик градоначалник на Општина Гостивар, Ема Нешкоски, координаторка на „Работилница за репарација на стари предмети“, Берин Мухамед, претседател на Сојуз на средношколци, Благица Ефтимова, проектна асистентка за глобален и регионален менаџмент, проф. Ермира Идризи, професорка на ЈИЕ Универзитет во Тетово, Неда Малеска, извршна директорка на Центар за управување со промени (ЦУП), Марија Андреева, проектна раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје.
Настанот официјално го отвори групата „Шербет“, а беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, додека дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно. Целта на ваквите настани е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, како и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.
Караванот „Остави трага“ има за цел да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.
Серијата јавни настани „Остави трага – Дојди и раскажи ја твојата приказна“ се спроведува во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.