ИДУЕП и ФНФ студиска посета на Софија – Дигитализацијата, иновациите, младите и ЕУ интеграцијата во фокусот

Во периодот од 20 до 23 јуни 2023 година, во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“ – регионална канцеларија за Југоисточна Европа (ЈИЕ) се одржа тематска студиска посета на Софија, Бугарија во сферите на дигитализација, иновации, поддршка за млади и европски интеграции.

Целта на студиската посета беше мапирање на потенцијалите за соработка помеѓу различните општествени чинители од двете соседни земји со фокус на горенаведените тематски области, како и споделување на знаења и искуства помеѓу различни организации, институции, компании итн. Оден од главните аспекти беше и европската интеграција, како и размената на искуства и поддршка на чинителите во овој процес, со фокус на комуникацискиот аспект и можностите за меѓусебна соработка во рамките на пристапувањето на нашата земја во Европската Унија. Покрај претставници на ФНФ и ИДУЕП, дел од студиската посета беше и државниот секретар во македонското МНР, Филип Тосевски.

Тимот имаше можност да размени мислења, знаења и искуства во рамки на фокус тематските области, особено во делот на дигиталната трансформација, поддршката и мотивација за младите луѓе да останат во своите земји и да ја обликуваат иднината на регионот, принципите на доброто управување, вклучително и борба со лажните вести и дезинформациите, како и фокусирање на ЕУ агендата и поддршка од страна на организации и компании за македонскиот пат кон ЕУ.

Цел која се очекува да произлезе од оваа студиска посета е и создавање на план за follow-up активности и создавање на платформи кои ќе креираат можности за заеднички настап пред донаторската заедница со цел поддршка за спроведување на проектни и други активности наменети за поврзување на општествените чинители од двете земји со фокус на луѓето, граѓанските организации и бизнис секторот. Исто така, организаторите се стремат до крајот на годината да организираат и неколку конкретни активности кои ќе се фокусираат на дополнително унапредување и поврзување на чинители од двете земји, како и изнаоѓање на други приоритетни области за соработки и поврзувања меѓу двете соседни земји.

За време на тродневната агенда учесниците на студиската посета остварија средби во Софискиот универзитет, БАССКОМ, Технолошкиот парк во Софија, Асоцијација на Европски Новинари, Академијата „Телерик“, Национален Младински Форум на Бугарија, Коалиција за медиумска писменост, како и со Бугарско-Македонскиот Бизнис Клуб.

Учесниците, заедно со амбасадорката Поповска Руси имаа работен ручек кај амбасадорот на Франција во Бугарија, Жоел Мајер, а остварија работни состаноци и во Амбасадата на САД, како и во претставништво на Европската комисија во Софија.

Студиската посета започна со посета на македонската амбасада во Софија и средба со амбасадорката Агнеза Руси Поповска, како и во регионалната канцеларија на Фондацијата „Фридрих Науман“ и средба со регионалниот директор Мартин Коте. Учесниците го посетија и македонскиот Културно информативен центар (КИЦ), а заедно со министрите за земјоделие на двете земји присуствуваа и на регионален вински фестивал.

Поврзани соддржини

Leave a Comment