Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини“ промовиран во Министерството за локална самоуправа

Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“ е промовиран во Министерството за локална самоуправа (МЛС). Копија од Прирачникот беше предадена на министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов од страна на коавторите и уредникот на изданието. Исто така, печатени примероци на македонски и албански јазик беа доделени во архивата и библиотеката на МЛС, а за потребите на вработените во надлежните сектори.

За време на кратката средба со министерот Пенов беше презентирана улогата и значењето на овој Прирачник, како и можностите за негова практична примена од страна на единиците на локална самоуправа во земјата. Заеднички беше усогласено дека Прирачникот претставува одличен извор за спроведување на дигитална трансформација од интерес на секој граѓанин, како и дека ќе бидат разгледани сите можности за понатамошна соработка, а во интерес на процесот на дигитализација на општинско ниво.

Овој Прирачник се фокусира кон иновативната и практична улога што дигитализацијата и дигиталната трансформација ја имаат во процесот на комуникација и овозможување ефикасни дигитални услуги на јавната администрација на локално ниво. Дадени се принципи, но и конкретни примери на дигитални платформи што едноставно може да се применат во општините во земјава и регионот на Западен Балкан.

Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини“ е изработен од страна на авторите Бојан Кордалов и Тоше Зафиров, а уредник е Ивајло Цонев.

Тие истакнуваат дека нивната цел е да дадат конкретен иницијален придонес во надминувањето на јазот што постои помеѓу волјата за имплементација на дигитални решенија и немањето доволно финансиски и кадровски потенцијали за нивна примена на локално ниво. Веруваат дека Прирачникот ќе поттикне на конкретна акција во општините, како и да мотивира други автори и практичари во продлабочување на оваа тема и постигнување видливи резултати во сферата на дигиталната трансформација.

„Дигитализацијата на локално ниво е првиот впечаток за граѓаните дали државата е функционална или ефикасна или, пак, спротивно од тоа, бирократизирана, односно дека граѓаните што ја финансираат ги става во втор план. Дигиталната трансформација гарантира транспарентност, инклузивност и отвореност, на тој начин исполнувајќи ги предусловите за добро и ефикасно управување. За работата на општините и јавната администрација, граѓаните мора да бидат информирани, што е предуслов за поттикнување на нивно учеството во креирањето и спроведувањето политики на локално, а секако и на пошироко национално и глобално ниво“, се наведува во предговорот на публикацијата.

Вклучени истражувачи во изработката на овој Прирачник беа и Невена Георгиевски, Јана Мировска, Теа Димковска и Дарко Беровски.

Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“ е издаден е во февруари 2022 година на македонски и албански јазик од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи и Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“. Исто така, достапно е и кратко резиме на Прирачникот на англиски јазик.

Сите јазични верзии се достапни и на следниот линк: https://iduep.org.mk/2022/04/05/prirachnik-digitalna-transformatsija-kon-e-opshtini

Поврзани соддржини

Leave a Comment