Заеднички активности и соработка во сферата на доброто управување со акцент на транспарентноста, антикорупцијата и дигитализацијата, како и следењето на добрите ЕУ практики во овие сфери – ова беа дел од темите на кои се разговараше за време на иницијалната средба која Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) ја оствари со заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи.
Комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов го запозна вицепремиерот Фетаи со програмските цели и активности на Институтот, нагласувајќи ја клучната улога на принципите на доброто управување во работата на ИДУЕП. Истовремено, во оваа област, беа посочени и напорите кои ги прави Институтот во сферата на промоцијата на евроатлантските перспективи, со фокус на посебните програми наменети за младите луѓе и нивното вклучување во процесот на носење на одлуки на сите нивоа.
Вицепремиерот Фетаи ги образложи приоритетите во неговата работа со цел креирање на успешни политики во сферата на доброто владеење, борбата со корупцијата и владеењето на правото, а особено важноста од спроведување на конкретни практики од Европската Унија, земјите членки на ЕУ, како и САД кои се традиционални македонски стратешки партнери и поддржувачи. Од негова страна беа посочени конкретни можности за взаемна соработка со ИДУЕП и беше најавена следна заедничка средба на која тимови од двете страни ќе работат на точно дефинирање на взаемните активности и придонес областа на доброто владеење.
