Дебата на ИДУЕП: Дигитализацијата е натпартиско прашање особено кога ги засега приоритетите на младите

Во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во Студентскиот културен центар се одржа онлајн дебатата „Digi Youth Dialogue“, на која главен фокус беше ставен на младите и дигитализацијата. Панелисти на настанот беа Моника Зајкова, координаторка на Клубот за младински прашања и политики во Собранието, Стефан Андоновски, дополнителен заменик министер во МИОА и Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.

Дигитализацијата е еден од процесите за справување со корупцијата и со денешната дебата се покажува дека приоритетот на граѓаните, а особено прашањата кои се важни за младите нема да бидат заборавени во наредниот парламентарен состав, истакна координаторката на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, Моника Зајкова

„Иако како држава имаме стратегија за ИКТ и сајбер-безбедност, сепак реалната дигитализација се уште каска. Недозволиво е во време кога светот зборува за вештачка интелигенција, земјава се уште да не може да изнајде начин како да го дигитализира општеството“, посочи Зајкова.

Темата за дигитализација во високото образование дојде по барање на студентите и ние како натпартиски Клуб во Собранието веќе одржавме една расправа. За жал, посочи таа, поради изборните правила Собранието веќе не заседава и таа тема не се заврши.

„Затоа темата на оваа младинската дебата на ИДУЕП е заедно со Стефан да покажеме дека без оглед на која политичка партија припаѓаме, она што е приоритет на граѓаните, особено на младите луѓе, не смее и нема да биде заборавено во наредниот парламентарен состав“, рече Зајкова.

Дополнителниот заменик министер во МИОА, Стефан Андоновски истакна дека сме сведоци на неунифицирани решенија каде секоја институција има свој пристап кон дигитализацијата.

„Она на кое сведочиме во моментов се ад хок несистемски решенија, каде што секоја институција има свои пристап кон дигитализацијата. Оние кои успеале да одат напред, се поуспешни, а некои се оставени назад“, истакна Андоновски.

Имаме напредок во политичката комуникација, смета Андоновски. Токму заедничкото присуство со Моника на оваа активност е доказ за тоа, особено што сме присутни за време на предизборна кампања и дебатираме во интерес на младите и процесите кои се добри за цела држава како што е дигитализацијата.

Во делот на дигитализацијата на образованието, дополнителниот заменик министер Андоновски истакна дека на младите, студентите, средношколците е оставено да се снаоѓаат, така што во одредени институции имаме понапреден пристап, во други институции имаме хартиен пристап.

„Но, најпроблематичниот дел е онаму каде што имаме хибрид, онаму каде што од младите се бара да имаат и онлајн апликации, но и хартиени апликации. Дигитализацијата мора после овие избори да стане натпартиски и национален процес и во четири години да направиме видлив напредок“, изјави Андоновски.

Кордалов посочи дека акцентот на денешната дебата е како дигитализацијата да стане вистински национален процес и да не зависи од тоа која политичка партија е на власт, бидејќи дигиталната трансформација е натпартиско прашање, особено кога се знае дека е еден од врвите приоритети на младите.

„Проблемите, предизвиците и барањата на секој човек се важни и е неопходно да останат во фокусот на институциите и политичките субјекти дури и во време на предизборни кампањи. Има теми кои не смее да дозволиме да не двојат како општество, особено очекувањата и приоритетите на младите луѓе и поддршката која треба да се даде кон нив заеднички од сите чинители“, посочи комуникологот Кордалов.

Токму затоа, рече Кордалов, како Институт организираме заедничка дебата помеѓу преставници на законодавната и извршната власт на која ќе разговараме како реално да се направи дигитализација, од интерес на секој човек, но и како да продолжиме редовно со ваквите активности и конкретни општествени промени со цел овие приоритети и да не зависи од тоа кој е или кој во иднина ќе биде на власт.

Зајкова, Андоновски и Кордалов се согласни дека како држава и институции е неопходно да ги ставиме темите кои се важни за младите напред на општествената агенда, меѓу кои спаѓаат и дигитализацијата, темите поврзани со вештачката интелигенција, сајбер безбедноста…

Целта на оваа дебата беше поттикнување на општествен дијалог и поддршка на процесот на дигитализација како и дополнително вмрежување помеѓу младите, младинските граѓански организации и општествените чинители. Исто така, оваа активност е дел од активностите на ИДУЕП Институтот за поставување на процесот на дигитализација како национален приоритет и стратешка определба на сите, а особено неопходна за подобрување на јавните услуги кон граѓаните, компаниите и организациите, квалитет на живот за секој човек, како и еден од неопходните предуслови кои ги мотивираат младите луѓе да започнат да размислуваат за градење на иднината во својата земја.

Оваа активност се спроведе како дел од одбележувањето на 15 години од основањето на ИДУЕП Институтот преку организирање на 15 општествено активни настани.

Поврзани соддржини

Leave a Comment