ИДУЕП во 2023 година – Зад нас оставаме година на многу соработки и заеднички успеси!

Правејќи ја годишната анализа или сумирање на впечатоците за сѐ што реализираше тимот на ИДУЕП во 2023 година, навистина има многу на што треба да бидеме горди и задоволни од сработеното. Многу соработки, започнати и реализирани иницијативи, проекти, огромен број на нови партнери и сојузници, како и интернационализација на проектните активности на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Но, да се обидеме во кратки црти да презентираме што направи ИДУЕП минатата година, секако со огромна ваша поддршка и придонес во текот на целата година!

 

Изработивме 5 публикации и анализи. Традиционално, активностите ги започнавме со објавата на редовната годишна Анализа за користењето на социјалните медиуми од страна на јавните функционери и јавните институции на почетокот на Јануари 2023 година. По ова, во текот на целата година следеше изработката на следните публикации: „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“; „Дигитална трансформација во високото образование – младински перспективи“; „#DigiU – Анализа на состојбата со дигитализацијата на државните универзитети“, како и „Policy brief: Како до подобар младински стандард? Препораки и предлози за дејствување на собранискиот Клуб за младински прашања и политики“.

 

Бевме и остануваме партнери на медиумите и медиумските работници и работнички бидејќи високо ја цениме нивната работа како еден од главните чинители за демократизација и отвореност на општеството, односно контрола над властите на локално и централно ниво во име на граѓанскиот јавен интерес.

 

Дигитализацијата продолжи да биде приоритет во работата на ИДУЕП, особено во првиот столб во работата на ИДУЕП кој посветен на областа на добро управување. На заедничка средба со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу во текот на март 2023 година се сложивме дека е неопходно дигитализацијата конечно да стане национален и натпартиски приоритет. Овој став ИДУЕП го заговара повеќе од 3 години и сметаме дека дигитализацијата како процес е клучен во сите сфери, особено ако сакаме напредок за граѓаните, воведување на принципите на компетентност, а особено ефикасна и неселективна борба со партизацијата и корупцијата во земјава.

Непосредно потоа склучивме и Меморандум за соработка помеѓу ИДУЕП и МИОА каде ги адресираме овие теми и поставуваме темел за одржлива и долгорочна меѓусебна соработка на овој план. Очекуваме ова да биде директниот канал каде ИДУЕП ќе ги пласира своите предлози, иницијативи и идеи за одржлива и брза дигитализација на општеството од интерес на секој човек.

Особен фокус во 2023 година ставивме на дигиталната трансформација во високото образование. Во соработка со млади активисти кои се дел од програмата за напредно лидерство „АЛПИ“ во рамки на ИРИ, ИДУЕП се вклучи во Проектот за дигитални реформи во високото образование. Серија на средби и фокус групи каде иницијално се мапираше степенот на дигитализација на три универзитети. Заклучокот презентиран на јавен настан беше дека дигитализацијата на универзитетите не е прашање на потреба, туку неопходност, а таму беше презентирана и публикацијата „Дигитална трансформација во високото образование – младински перспективи“.

Речиси во истиот период, во февруари 2023 година ИДУЕП станува дел од #DigiU – Заедничка платформа за дигитализација во високото образование иницирана од три граѓански организации: Форумот за образовни промени (ФОП),  Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување (YEA). На првиот настан на Платформата присуствуваа и дел од студентските собранија кои изразија јасна посветеност да се приклучат и придонесат во рамки на оваа иницијатива.

#DigiU беше доста активна Платформа во 2023 година: Организиравме форум на тема „Дигитализација на државните универзитети во Република Северна Македонија“ каде учествуваше министерот за информатичко општество, заменик министерот за образование, ректори и проректори на универзитетите, како и раководствата на универзитетските студентски собранија во земјава. Презентирана беше и „Анализа на состојбата со дигитализацијата на државните универзитети“.

Следни беа позитивните пракси на кои #DigiU платформата соработуваше тесно со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Преку презентација на искуствата и предизвици со кои се соочил Универзитетот во процесот на својата дигитална трансформација беа организира 2 големи јавни настани во рамки на студентските кампуси. Истовремено, #DigiU Платформата и Универзитетот на крајот на годината потпишаа и заедничка заложба за дигитализација во високото образование.

На крајот на 2023 година следеа консултативните средби со дел од државните универзитети како основа за организирање на Digi Edu Hackathon каде студенти изнаоѓаа решенија за брза и одржлива дигитализација во високото образование. Оваа активност беше реализирана како дел од взаемната соработка на ИДУЕП и германската фондацијата „Фридрих Науман“, а заклучоците од хакатонот беа презентирани и дадени на усвојување во рамки на #DigiU јавната дебата во Собранието на тема „Неопходни законски измени за брза и ефикасна дигитализација во високото образование“. Клубот на млади пратеници или, според неговото формално име, Клубот за младински прашања и политики при Собранието беше партнер во реализацијата на овие активности и уште еднаш покажа колкава е важноста од неговото постоење и функционирање. Огромна благодарност за тоа до координаторката на Клубот, пратеничката Моника Зајкова, но и до сите други пратенички и пратеници кои несебично се вложуваат за успех на заедничките активности со ИДУЕП фокусирани на младите.

 

И во вториот столб на дејствување на ИДУЕП: евроатлантските перспективи, имаме резултати со кои особено се гордееме во 2023 година.

Зајакнувањето на меѓународната соработка го поставивме како приоритет во работата на ИДУЕП, па оттука реализиравме 4 работни посети на Брисел, градот кој е седиштето на ЕУ и НАТО. Секој квартал по една работна посета каде се среќававме со нашите тековни партнери, градевме нови сојузништва и партнерства, но и разговаравме и аплициравме за реализација на многу интернационални активности, проекти и иницијативи. Темите на сите состаноци, средби и учество на глобални настани беа фокусирани на поддршка на процесот на преговори за членство во Унијата, поттикнување на поинтензивна регионална соработка, комуникација на ЕУ во регионот на Западен Балкан, младинска поддршка…

Како круна на нашите заложби во оваа сфера за минатата година беше воспоставувањето на стратешка соработка со EЦE Центарот со седиште во Брисел (European Centre of Excellence) која формално се случи во текот на октомври 2023 година.

Во делот на успешната меѓународна соработка ги вбројуваме и студиските посети во земји-членки на ЕУ и НАТО. Учествувавме на вкупно 4 студиски посети и тоа во Данска, Шведска, Белгија, Бугарија, каде фокус беше ставен на дигитализацијата, младите, стартапите, европската интеграција, комуникацијата на ЕУ и НАТО во земјите кандидатки или аспиранти…

 

И во рамки на третиот столб во работата на ИДУЕП каде спаѓаат активностите во насока на поддршка за млади и жени, имаме многу со што да се пофалиме како реализирано во 2023 година.

Дополнително ја зајакнавме соработката со собранискиот Клуб за младински прашања и политики при Собранието каде членуваат пратенички и пратеници од различни политички групации на возраст до 35 години. Реализиравме заедничка работна посета на општина Тетово во пресрет на формирањето на локалниот младински клуб на Општината, а заедно и со тимот на Вестминстерската фондација за демократија остваривме и работни средби во општините Чаир и Центар каде покрај младите, фокус беше ставен и на дигитализацијата.

На средината на минатата година ИДУЕП организираше дебата со Клубот на млади пратеници, на која присуствуваа и претставнички и претставници на младински граѓански организации и каде беше заклучено дека е неопходно Клубот да прерасне во собраниска комисија која формално ќе може да ги застапува младите и младинските политики. Во рамки на оваа активност беше промовиран Документ за политики на тема „Како до подобар младински стандард?“ кој во себе содржи препораки и предлози за дејствување на собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

Третиот столб особено го зајакнавме во втората половина од годината, а во рамки на соработката со Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Тука спаѓа организирањето на серијата на шест мултимедијални настани под името „Остави трага“ поддржани од страна на Советот на Европа и Европската Унија, како и иницијативата „Walk and Talk“ поддржана од страна на УНИЦЕФ во соработка со УСАИД, а која има за цел подигање на свеста за менталното здравје кај младите и која за прв пат како глобална иницијатива се спроведе во земјава.

Во рамките на мултимедијалниот караван „Остави трага“ учествуваа голем број на министри, градоначалници, претставнички и претставници на приватниот и граѓанскиот сектор, културата, спортот, како и амбасадори на земјите-членки на ЕУ во нашата земја. Целта беше охрабрување на млади луѓе, а особено млади девојки и жени да бидат поактивно вклучени во општеството и носење на одлуки на секое ниво.

Во делот, пак, на иницијативата „Walk and Talk“, партнерувавме и со Сојузот на извидници, a над 500 млади луѓе на возраст помеѓу 15 и 25 години во период од 3 месеци беа дел од иницијалните настани кои беа организирани во 16 општини. Главната цел на овој нов иновативен пристап кој за прв пат беше воведен во земјава е подигање на свеста и дестигматизација на темата за ментално здравје помеѓу младите луѓе.

Во соработка со Мисијата на ОБСЕ, ИДУЕП организираше и одржа обука за обучувачи за избори и изборни права со фокус на организации за права на жените и помалите заедници како поддршка на работата на Државната изборна комисија (ДИК).

Поддршката за студентите и студентските организации зазема значаен дел од активностите на Институтот во рамки на овој трет столб. Покрај претходно наброените активности со фокус на студентите, ИДУЕП и УСС при УКИМ го организираа и јавниот настан „Билет во еден правец – Дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“ каде се отворија многу важни теми за дискусија, а особено како да се спречи процесот на масовно иселување на младите од земјава. Исто така, студентските прашања и потреби е неопходно да бидат повеќе застапени во јавниот дискурс, а ова беше главниот мотив ИДУЕП да ја организира првата од серијата на обуки за јавен настап наменета за претставници на УСС и ФСС при УКИМ. Секако, Институтот останува отворен за ваков тип на поддршка и за сите останати заинтересирани универзитетски студентски собранија на македонските универзитети.

Професиите на иднината беа во фокусот на работата на Институтот во првиот дел на 2023 година. Во рамки на субгрантиран ЕУ Проект од страна на партнерската организација „Младински сојуз Крушево“, ИДУЕП ги промовираше препораките од Анализата „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ во рамки на законодавната и извршната власт.

Имено, Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) во февруари 2023 година едногласно ги усвои препораките од оваа Анализа на ИДУЕП во рамки на Деветтата седница која ја предводеше претседателот на НСЕИ, пратеникот Александар Николовски. Еден месец подоцна, Институтот во рамки на јавен настан со младински организации на вицепремиерот Битиќи му ги предаде заклучоците од Анализата за професиите на иднината со цел понатамошно постапување, усвојување и применување на национално ниво.

Своевидно важно признание за посветената работа на ИДУЕП во делот на младите и младинските политики беше решението кое го донесе Агенцијата за млади и спорт (АМС) за внесување на Институтот во својот Регистарот како Организација за млади.

 

Во текот на целата 2023 година соработувавме и со други јавни институции кои изразија подготвеност да бидат инклузивни во соработката со граѓанскиот сектор, истовремено да знаат да слушаат, но и прифаќаат различни мислења и инпут од ГО секторот.

Во овој дел, дадовме поддршка на СЕП во процесот на преговори, а изработуваме и заедничка платформа за соработка во делот на преговорите за членство во ЕУ. Исто така, ИДУЕП редовно учествува во консултативниот процес на СЕП за изготвување на патоказите за ЕУ и информативните средби со граѓанските организации како дел од процесот на пристапување кон Европската Унија.

Преговорите за членство во ЕУ ќе бидат успешни само со вклучување на сите во процесот и со водење на инклузивна комуникација – ова беше дел од одржаниот јавен настан на тема „Македонскиот евроинтеграциски пат – Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“ со фокус на ЕУ базирани експерти, како и јавниот настан „Младите се во ЕУ“ со фокус на растечкиот евроскептицизам кај младите и начини за справување со оваа појава. Двата настани беа целосно во организација на ИДУЕП.

ИДУЕП беше дел и од консултативниот процес за организацијата на Преспа форум за дијалог 2023 година и директно учествуваше во рамки на Панелот за дигитализација кој се одржа во рамки на ПФД 2023 во Струга, а во организација на Министерството за надворешни работи (МНР). Исто така, Институтот даде конкретен придонес во рамки на консултациите на Министерството во делот на реализирањето на Стратешкиот дијалог со САД.

 

Општествено одговорните иницијативи и проекти и минатата 2023 година беа дел од портфолиото на ИДУЕП.

Во овој домен, би ја издвоиле изработката на модерациска политика за јавните институции во делот на сузбивање на говорот на омраза на социјалните медиуми која ИДУЕП ја изработи заедно со уште 8 граѓански организации. Ваквата активност произлезе како резултат на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу ИДУЕП и Комисијата за спечување и заштита од дискриминацијата (КСЗД). Финалниот текст на модерациската политика доби одобрение и од страна на Советот на Европа и се очекува во текот на 2024 година да биде јавно промовирана и воведена од страна на сите заинтересирани јавни институции на централно и локално ниво.

Во рамките на иницијативата насловена „Градење мостови и мрежа за соработки помеѓу луѓето, граѓанските организации и бизнисите од земјите од ЈИЕ“ која ИДУЕП и германската фондација „Фридрих Науман“ ја спроведуваат од средината на 2023 година беа организирани две follow up посети. Првата на Софија од страна на претставнички и претставници на ТИРЗ, Кабинетот на Претседателот, МНР, ИДУЕП, ФНФ и ЕЦЕ Центарот од Брисел. Тема беа можностите за соработка во делот на технолошките паркови по урнек на Софија Тех парк, но и други сродни институции од двете земји. Втората follow-up активност вклучи посета на раководството на Националниот младински форум на Бугарија на Скопје со цел пренесување на најдобрите македонски практики во делот на младинските политики и соработки меѓу младинските организации и јавните институции.

Целокупната иницијатива „Градење мостови и мрежа за соработки помеѓу луѓето, граѓанските организации и бизнисите од земјите од ЈИЕ“ формално започна со реализација на заедничка студиска посета на ИДУЕП и ФНФ на Софија во текот на месец јуни 2023 година, а од оваа посета произлегоа многу предлози и потреби за следни чекори и дополнителен интерес од страна на повеќе институции и организации за следни активности и продлабочување на соработките помеѓу партнерски институции и организации од двете земји.

 

Секако, неопходно е да бидеме и самокритични.

Две активности кои планиравме и сакавме да ги завршиме во 2023 година, сепак ќе останат да се реализираат во Новата 2024 година. Отворениот повик на тема „Млади против омразата“ и отворениот оглас за избор на проектен соработник.

 

За крај, уште еднаш огромна благодарност до секој/а од вас кои на свој начин дадовте придонес во работата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи. Ништо немаше да успееме без секој од вас, најискрено!

Да наздравиме и да си посакаме уште многу заеднички соработки и успеси и во 2024 Година!

 

Со почит,

Тимот на ИДУЕП

Поврзани соддржини

Leave a Comment