На 20 и 21 декември 2023 година, во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“ – регионална канцеларија за Источна и Југоисточна Европа (ИЈИЕ) се одржа тематска работна посета во сферите на презентација на успешни македонски примери во спроведување на младински политики и конкретни иницијативи и соработки кои младински организации и млади ги спроведуваат со институции од земјава.
Целта на дводневната посета беше директно запознавање на Националниот младински форум (НМФ) со најдобрите практики во сферата на поддршката за млади и млади, како и дополнително поврзување и градење на соработки со младински организации со цел натамошни конкретни активности и заеднички проекти. Во делегацијата беа Атанас Радев, претседател на НМФ, Андреас Петков, заменик претседател на НМФ и Христо Радославов, експерт за комуникации во НМФ. Една од јасно поставените стратешки цели во работата на Националниот младински форум на Бугарија е интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија, а како конкретен придонес во таа насока сметаат дека воспоставувањето и интензивирањето на младинските прекугранични и воспоставувањето на регионални соработки се од клучно значење.
Во рамки на првиот ден од посетата, делегацијата од НМФ оствари средба со директорот на Националната агенција за европски образовни фондови, Марко Ѓоргиевски каде се разговараше за можностите за прекугранични младински соработки, како и за досегашните и потенцијалните можности за активности во рамки на европската програма Еразмус+
Делегацијата присуствуваше на јавната дебата „Неопходни законски измени за брза и ефикасна дигитализација во високото образование“ која се одржа во Уставната сала во Собранието. Оваа дебата ја организираше Клубот за младински прашања и политики при Собранието во соработка со платформата за дигитализација на државните универзитети #DigiU и имаше за цел адресирање на конкретни законски измени кои ќе понудат решенија за актуелните предизвици и проблеми поврзани со нецелосната имплементација на дигитализацијата во високото образование. На настанот учествуваа пратенички и пратеници од различни политички партии, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, претставници на МОН, АМС, како и претставнички и претставници на ректорските управи на универзитетите и студентските собранија од целата земја.
По ова, следеше работна средба со пратеничката и координаторка на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, Моника Зајкова која претстави како функционира ова натпартиско тело составено од млади пратеници и пратенички од различни политички партии и кои дејствуваат обединети на прашања поврзани и во интерес на младите и младинските организации. Беше изразен взаемен интерес за скорешна посета на координаторката на Клубот, пратеничката Зајкова на Софија каде би се разговарало за поддршка при имплементација на ваквиот модел за вклучување на младите и младинските организации од страна на тамошната законодавна власт.
Првиот ден од работната посета, делегацијата на НМФ од Бугарија, исто така, оствари билатерална средба во Млади Хаб со раководството на партнерската организација Национален младински совет на Македонија (НМСМ), како и работен состанок со повеќе младински граѓански организации која се одржа во просториите на Europe House во Скопје. Младите од двете соседни земји отвораат дијалог за заеднички иницијативи и соработки – беше заклучокот од овие средби.
Во текот на вториот ден од работната посета, раководството на Националниот младински форум на Бугарија оствари средби во Кабинетот на Претседателот на Републиката, Амбасадата на Бугарија, Агенцијата за млади и спорт, како и во Министерството за внатрешни работи.
На заедничката средба во Кабинетот на Претседателот со заменикот генерален секретар, Тоше Зафиров учествуваше и генералната секретарка на НМСМ, Мариана Ангелова. Тие ја презентираа иницијативата „Млади Хаб“ која е своевиден успешен пример за конкретна соработка помеѓу висока државна институција и младинска организација, а во интерес на младите луѓе и нивните потреби и активности.
Во Секторот за млади при Агенцијата за млади и спорт беше презентиран концептот на работа на Агенција, како и разговарано за можностите за поддршка во развивање на локалните младински совети и центри помеѓу двете земји.
„Вратите на МНР се секогаш отворени за млади луѓе – ентузијасти кои градат мостови, создаваат пријателства меѓу двете земји, но и се залагаат за регионалната соработка во ЈИЕ“, истакна државниот секретар во македонското Министерство за надворешни работи, Филип Тосевски. Оваа средба беше воедно и последната од официјалниот дел на посетата на раководството на НМФ на Скопје.
Инаку, оваа посета е втора follow-up активност во рамките на иницијативата насловена „Градење мостови и мрежа за соработки помеѓу луѓето, граѓанските организации и бизнисите од Северна Македонија и Бугарија“ која ИДУЕП и германската фондација „Фридрих Науман“ ја спроведуваат од средината на 2023 година. Иницијативата формално започна со реализација на заедничка студиска посета на Софија, Бугарија во текот на месец јуни 2023 година, а од оваа посета произлегоа многу предлози и потреби за следни чекори и дополнителен интерес од страна на повеќе институции и организации за следни активности и продлабочување на соработките помеѓу партнерски институции и организации од двете земји.
Истовремено, посетата на делегацијата од Националниот младински форум на Бугарија е прв follow up во рамки на Иницијативата која се случува во нашата земја.
Основно инфо за НМФ: Националниот младински форум ја претставува најголемата младинска платформа во Бугарија која во својот состав обединува на 30 младински организации од целата земја. НМФ е полноправен член на Европскиот младински форум (ЕМФ) и активен партнер на национални и европски институции во градењето и застапувањето на младински политики. Еден од главните приоритети на ова раководство на НМФ се проширувањето на регионалната соработка и поврзувањето со сродни организации и младински институции од Гугарија и регионот. Повеќе на: https://nmf.bg/