Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) на 2.10.2023 година со почеток во 14:30 часот го организира јавниот настан насловен „Младите се во ЕУ“ како дел од иницијативата „Македонскиот евроинтеграциски пат – Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.
На дебатата ќе бидат отворени теми поврзани со потребата од поголема вклученост на младите луѓе во процесите на одлучување на сите нивоа на власта, како и во креирањето на јавни политики на централно и локално ниво, македонскиот евроинтеграциски процес вклучително и предизвиците и следните чекори на овој план, со фокус на позитивните пракси и искуства од земјите-членки на ЕУ од регионот, колку европската интеграција и членството во ЕУ и НАТО може да влијае на запирање или намалување на процесите на иселување, особено на младите луѓе.
Дел од учесниците на настанот се: Моника Зајкова, пратеничка и координаторка на Клубот на млади пратеници во Собранието; Александар Ивановски, директор во CFE Tax Advisers Europe (Европска Асоцијација на даночни советници); Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП; Викторија Постоловска, активистка и досегашна студентска правобранителка при УКИМ, Александар Николовски, досегашен претседател на ФСС на Економскиот факултет при УКИМ, Берин Мухамед, претседател на Сојузот на средношколци и Анисија Угриновска, претседателка на ОДАС.
Истовремено, овој јавен настан има за цел и поттикнување, односно давање на конкретен придонес за водење на инклузивен процес на пристапување во ЕУ. Исто така, комуникациските принципи и инклузивната комуникација заземаат посебна важна улога во овој процес, како и поддршката која може и се очекува да ја дадат експерти со седиште во земјите-членки од ЕУ и со стекната своја експертиза во некое од преговарачките поглавја.