Институтот за напредно политичко лидерство (АЛПИ) поддржан од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) организира јавен настан на тема „Дигитални реформи за современо високо образование – младински перспективи“. За време на настанот ќе бидат презентирани и наодите и заклучоците во рамки на Анализа за дигитализација на услугите во високо образование која за потребите на оваа младинска иницијатива ја изготви Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Настанот ќе го отвори Кристофер Бренан, резидентен програмски директор на ИРИ, а предвидени се и две дискусии: за заклучоците и препораките кои произлегуваат од направената Анализа, како и за младинската перспектива за следни заеднички чекори со цел поуспешна дигитална трансформација во високото образование. Дел од говорниците ги вклучуваат: проф. д-р Христина Спасевска, проректорка за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Џемал Зенуни, декан на Факултет за современи науки и технологии при ЈИЕ Универзитетот – Тетово, проф. д-р Зденка Стојановска, проректорка за наука при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Младинската перспектива за дигитализација во високото образование ќе ја застапуваат Александар Трајановски, заменик-градоначалник на град Скопје, Славчо Темелковски, претседател на Универзитетско студентско Собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Демир Демири, претседател на Студентскиот парламент при ЈИЕ Универзитетот, Сара Денкова, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“, како и Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Иницијативата „Дигитална трансформација во високото образование – младински перспективи“ е спроведена од членовите на првата генерација на АЛПИ – ИРИ: Арта Ќерими, Хилал Беќири, Бојан Никовски, Александар Трајановски, Наум Локоски и Евгенија Јанакиеска.
Оваа иницијатива цели да ја подигне свеста за потребата од дигитализација на услугите за студентите на три универзитети во земјата: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Фокус на иницијативата е и размена на искуства помеѓу универзитетите, како и охрабрување на дијалог за дигиталната трансформација помеѓу ректоратите, студентите и студентските парламенти на таргетираните универзитети. Со оглед на фактот што дигитализацијата на високото образование во нашата земја е на самиот почеток, оваа анализа има за цел да ги собере искуствата од досегашниот процес на имплементација на самата дигитализација, да се детектираат слабостите и добрите страни, како и да се дадат препораки за идни чекори кон воспоставување на целосно ефикасна дигитализација во високото образование.
Анализата за дигитализација на услугите во високото образование е достапна ТУКА