ЗПВРСМ Николовски до ИДУЕП: Даваме поддршка на предлозите, Владата веќе презема конкретни мерки за дигитализација

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски испрати официјален одговор на иницијативата на ИДУЕП со 3 конкретни предлози за поквалитетен живот на граѓаните преку воведување и практична примена на дигитализација на услугите.

Во дописот ЗПВРСМ, меѓу другото истакнува дека „ваквата активност е неопходна заради надминување на констатираните системски слабости, но и во насока на создавање на единствен автоматизиран процес на издавање на акти кој значи и пократко време на чекање на документи, или воопшто да се изземе потребата од „одење од шалтер на шалтер“.

„Процесот на дигитализација е една од клучните компоненти во Планот за борба против корупција и е еден од врвните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, па оттука е определен и како еден од механизмите за спречување на корупција. Јасно е дека со минимизирање или комплетно елиминирање на човечкиот фактор, се намалува и ризикот од корупција и обидите за посегнување кон коруптивни дејствија“, истакнува вицепремиерот Николовски во одговорот до ИДУЕП.

Со појавата на пандемијата на Ковид-19 вирусот, темата за дигитална трансформација интензивно се наетна и ги мотивираше сите општества како најдобар начин за функционирање со цел зачувување на здравјето на секоја индивидуа и спречување на ширење на вирусот.

„Имајќи го предвид сето погоре наведено, а во контекст на Вашите препораки и конкретни мерки, Ве известуваме дека даваме поддршка и веќе се преземени конкретни мерки во насока на дигитализацијата… Само со заедничка и посветена работа може да ги промениме сегашните состојби и да се обидеме граѓаните да добијат најдобри услови за комуникација со институциите, како што доликува на едно модерно општество, кое во средиштето секогаш го има интересот за добробит на граѓаните“, заклучива ЗПВРСМ Љупчо Николовски во дописот до Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

ИДУЕП на 14 јуни 2021 година поднесе иницијативата со 3 конкретни предлози за поквалитетен живот на граѓаните преку воведување и практична примена на дигитализација на услугите. Оваа иницијатива беше јавно објавена, а доставена до државниот врв, надлежните јавни институции, општествено-политичките чинители, како и до стопанските комори и граѓанските организации. Целта на Институтот е да поттикнува јавна дебата, но и поширока поддршка за ваквите предлози со цел јасно поставување на соработка на различните општествено-политички фактори која е од интерес на секој граѓанин.

Иницијативата на ИДУЕП е достапна ТУКА

Скенирана верзија од дописот следи во продолжение:

Поврзани соддржини

Leave a Comment