Кабинет на ПВРСМ Заев до ИДУЕП: Ги поддржуваме доставените предлози, дигитализацијата е суштински процес на кој Владата активно работи

Канцеларијата на Претседателот на Владата, Зоран Заев, испрати официјален одговор на иницијативата на ИДУЕП со 3 конкретни предлози за поквалитетен живот на граѓаните преку воведување и практична примена на дигитализација на услугите.

Во дописот се истакнува дека барањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи било разгледано со должно внимание, со констатација дека Канцеларијата на Претседателот на Владата целосно се согласува со доставените предлози од ИДУЕП кои имаат една и единствена цел: обезбедување на услови за поквалитетен живот на граѓаните и секако, побрз економски раст и развој за нашата држава.

„Поставивме амбициозни цели, конкретно во делот на дигитализација на сите процеси кои е возможно да се водат преку средства за електронска комуникација. Овие заложби и стратешки приоритети во областа на дигитализацијата, за кои сме убедени дека се од државен интерес, веќе се наведени во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија 2020-2024. Дигитализацијата и иновациите се главната реформа на современата, европска јавна администрација, помагајќи им на граѓаните и на деловната заедница да добијат што повеќе бенефит од употребата на дигиталните технологии.“, е истакнато во одговорот до ИДУЕП.

Целта е да воспоставиме ефективен систем на е-Влада кој ќе обезбеди широк спектар на придобивки, вклучувајќи поголема ефикасност и заштеди во буџетот, зголемена транспарентност и поголема вклученост на граѓаните и на деловната заедница во креирањето на политиките. Во овој контекст, стои меѓу другото во дописот од Канцеларијата на Претседателот на Владата, сметаме дека електронските услуги, односно нивната дигитализација мора да биде заснована на европското начело digital by default, а истовремено да бидат достапни за сите граѓани на нашата држава.

Во дописот од Кабинетот на ПВРСМ Заев се наведуваат и дел од конкретните активности кои Владата ги презема во сферата на дигитализацијата, а со цел остварување на наведените цели и политики.

„Заради фактот што дигитализацијата претпоставува намалување или елиминирање на човечкиот фактор, истата е еден од механизмите за намалување на ризиците од појава на коруптивни дејствија. Од овие причини дигитализацијата на процесите е еден од столбовите на „Планот за борба против корупција„. Дополнително, во контекст на остварување на заложбата и ветувањето за подобар живот на граѓаните дадено од Владата на Република Северна Македонија, формирана е меѓуресорска работна група за подготовка на измени и дополнувања на законите заради дигитализација на процесите, која е координирана директно од Канцеларијата на Претседателот на Владата. Со цел истовремено преземање на неопходните мерки за овозможување на што поскора имплементација на овој процес, институциите од јавниот сектор се задолжени да набават и соодветна опрема, како комплементарна мерка на активноста за усогласување на законите“, се истакнува во одговорот до ИДУЕП.

На крајот на дописот од Канцеларијата на Претседателот на Владата, Зоран Заев како одговор до ИДУЕП се поздравува заинтересираноста на Институтот за вклучување со конкретни предлози за реализација на мерките од интерес на сите граѓани, како и потребата од поширока поддршка од сите засегнати страни поради суштинското значење на овој процес.

ИДУЕП на 14 јуни 2021 година поднесе иницијативата со 3 конкретни предлози за поквалитетен живот на граѓаните преку воведување и практична примена на дигитализација на услугите. Оваа иницијатива беше јавно објавена, а доставена до државниот врв, надлежните јавни институции, општествено-политичките чинители, како и до стопанските комори и граѓанските организации. Целта на Институтот е да поттикнува јавна дебата, но и поширока поддршка за ваквите предлози со цел јасно поставување на соработка на различните општествено-политички фактори која е од интерес на секој граѓанин.

Иницијативата на ИДУЕП е достапна ТУКА

Скенирана верзија од дописот следи во продолжение:

Поврзани соддржини

Leave a Comment