Институтот за добро управување и евро-атлнтски перспективи (ИДУЕП) на ден 23.6.2020 година до државниот врв и политичките партии испрати допис со цел создавање на граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација. Дописот го објавуваме интегрално во продолжение:
Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) на 6.3.2020 година поднесе иницијатива за граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација до политичките чинители и државниот врв која има цел да ја истакне важноста и потребата од брза дигитализација на сите јавни сфери.
Целта е политичките чинители во пресрет на изборите, а во рамките на своите платформи, програми и заложби, како една од своите приоритетни определби да ја постават дигитализацијата како процес ориентиран кон полесно и поефикасно реализирање на потребите на граѓаните. Според претходно доставената иницијатива од страна на ИДУЕП за градење на заедничка национална и натпартиска платформа, се предлага дигитализација како процес да се спроведе брзо и ефикасно, почнувајќи уште од првиот месец од завршувањето на изборите/формирањето на Владата.
Доколку и претходно како организација бевме убедени во потребата од брзо прилагодување и изградба на одржливо дигитално општество според потребите на граѓаните, пандемијата предизвикана од коронавирусот во изминативе неколку месеци дополнително ја потврди оваа заложба и ја интензивира потребата од нејзино спроведување. Новонастанатата ситуација и потребата од справување со Ковид-19 ги смени потребите и навиките на пошироката јавност и не натера сите за многу кратко време да ги согледаме предизвиците и придобивките кои ги носи новото време, но и забрзано да се прилагодиме на дигиталната трансформација на сите сфери почнувајќи од образованието, економијата, јавните услуги, како и во сите останати општествени сфери.
На прагот на оваа предизборната кампања би сакале да истакнеме дека коронакризата целосно го менува и начинот на кој ќе се одвиваат овие предизборни активности и целокупната кампања. Заштитата на здравјето на граѓаните, вклучително и секој партиски активист е клучно, а токму тука дигитализацијата, заедно со медиумските активности на партиите, ќе одиграат клучна улога во претстојната предизборна кампања.
Оттука, со оваа инцијатива, сакаме да ја реафирмираме нашата иницијатива и дополнително да поттикнеме промена во начинот на дејствување на партиите, односно поставување на дигитализацијата на општеството како натпартиска платформа која е од интерес на секој граѓанин. Како национална платформа која ќе обединува, наместо да дели по политичка или било која друга основа. Тоа во иднина подразбира заедничка работа и соработка помеѓу сите политички чинители, надлежни институции, како и неселективно вклучување на медиумската и експертската јавност, граѓанскиот, бизнис секторот и донаторската заедница во нашата земја. Сметаме дека ваквиот широк пристап е важно да се нагласи од страна на партиите уште во нивните предизборни заложби, како и во јавните настапи за време на кампањата за претстојните избори.
Во прилог го испраќаме и дописот кој ИДУЕП го испрати до политичките чинители и државниот врв на 6.3.2020 година со иницијатива за национална платформа за дигитализација, а каде се детално посочени предностите од имплементирање на брза, ефикасна и одржлива дигитализација од интерес на сите граѓани и целокупното општество.
Иницијативата на ИДУЕП за граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација испратена на 6.3.2020 година до политичките чинители и државниот врв е достапна на следниот ЛИНК: https://iduep.org.mk/2020/03/06/initsijativa-na-iduep-za-graganska-i-natpartiska-platforma-za-digitalizatsija/