35 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија имаат свој профил на мрежата за интеракција „фејсбук“ – покажа првото интернет истражување на тема „Демократија преку новите медиуми“, кое во периодот од 23 – 29 Октомври 2009 година го спроведе Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Некои статистики: Најголем број на Фејсбук профили – вкупно 17 – имаат пратениците од ПГ на ВМРО ДПМНЕ. Најголем број на Фејсбук пријатели има пратеничката од СДСМ, Радмила Шекеринска. Таа го има максималниот број на дозволени пријатели – 5.000 вкупно. Второто место му припаѓа на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски со бројка од 3.181 Фејсбук пријатели. Третото место го делат пратеничката од ДУИ, Ермира Мехмети Деваја (1.806 пријатели) и пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Силвана Бонева (1.747 пријатели). Четвртото место во моментов го делат пратениците од СДСМ, Маринела Тушева (1.502 Фејсбук пријатели) и Јани Макрадули (1.493 Фејсбук пријатели). Петтото место по број на Фејсбук пријатели исто така се дели, но помеѓу пратеникот Петар Поп Арсов од ВМРО ДПМНЕ (1.132 пријатели) и пратеничката од СДСМ, Цветанка Инанова (1.083 пријатели). Уште еден податок – сите пратеници од Нова Демократија имаат свои Фејсбук профили.
Бројот на пратеници за кои друг има креирано група или страна за поддршка е уште помал и изнесува вкупно 15 страни.
Некои статистики: На топ листата на пратеници со најголем број на поддржувачи се наоѓа пратеникот и претседател на ДУИ, Али Ахмети со бројка од вкупно 2.266 поддржувачи. Веднаш зад него е пратеничката од СДСМ, Радмила Шекеринска со бројка од 1.657 поддржувачи. Третото место е резервирано за пратеничката од СДСМ, Весна Бендевска (1.443 поддржувачи) и пратеникот и претседател на Нова Демократија, Имер Селмани кој има вкупно 1.371 поддржувачи. На четврто место се наоѓа пратеникот Арбен Џафери со 1.198 поддржувачи на Фејсбук. Петтото место според бројот на Фејсбук поддржувачите му припадна на пратеникот од Сојузот на Ромите на Македонија со вкупен број од 1.050 поддржувачи.
Потсетуваме дека токму медиумите и нивната слобода се главната основа за оценувањето на (не)демократијата во една земја. Новите медиуми станаа незаменлив дел од медиумската сфера и се посебно корисни за директна комуникација на пратениците со граѓаните, а посебно со младите.
Граѓаните јавно или преку приватна порака на Фејсбук имаат директна можност на пратеникот да му го соопштат својот став по одредено прашање во нивниот делокруг на работа, но и да побараат решавање на некој свој проблем кој е во собраниската надлежност. Понатаму, граѓаните преку новите медиуми можат да иницираат низа на пратенички прашања до Владата, што придонесува за приближување на политичкото владеење до изворот на власта – граѓаните.