Дигитализацијата во високообразовните институциите денеска беше тема на јавната дебата што ја организираа Клубот за младински прашања и политики на Собранието, во соработка со Иницијативата #DigiU во рамки на која учествува и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП). На оваа дебата и претходеше дводневен Диги образовен хакатон на кој учество земаа претставници на универзитетските собранија, професори и пратеници од различни пратенички групи во Собранието, а беше во организација на ИДУЕП и Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“.
Координаторката на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, пратеничката Моника Зајкова истакна дека на хакатонот се издвоиле две платформи Е-услуги и Е-учење, но и од самиот процес на работа се нотирани бројни законски пречки поради кои високото образование не е целосно дигитализирано. Во Собранието се очекува да пристигнат пет закони од оваа област, но она што е клучно, вели таа, е Законот за архивско работење којшто сега создава пречка за универзитетите целосно да се дигитализираат и тие се обврзани да водат хартиена архива, потоа законите за дигитална трансформација и за сајбер безбедност, бидејќи тие податоци мора да бидат заштитени во дата базите на универзитетите.

„Она што исто така е многу важно е националната платформа за интероперабилност и системите коишто ги има МОН, бидејќи веќе основното и средното образование се дигитално врзани и тие меѓу себе разменуваат податоци, но за да се запишете на факултет повторно мора да поднесувате документи. Сега институциите се повикуваат дека тоа е така заради автономијата која ја имаат универзитетите и дека тоа зависи од нив, а од друга страна ако ги слушнете универзитетите тие велат дека со свои ресурси се обидуваат да инсталираат систем во тој дел иако тие бараат да бидат вклучени да бидат вклучени во националната платформа за интероперабилност за да може да разменуваат податоци“, вели Зајкова.
Во рамки на собраниската дебата се отвори и прашањето дали е можно создавање на унифициран софтвер којшто ќе го користат универзитетите, а ќе го обезбедува државата. Во некои држави има пракса каде самото министерство за образование го воведува системот, односно платформата, го склучува договорот со давател на услуга и постоа ги става на располагање на универзитетите, а тие си ја одржуваат и ја полнат со информации, беше истакнато за време на дебатата.

Заклучоците од дебатата и хакатонот содржат единаесет препораки, а меѓу најзначајните е укажувањето до Министерството за финансии од потребата да обезбеди средства за подобрување и додавање на нова функционалност на дигиталниот систем на универзитетите со што тој ќе се подобри и ќе се овозможи сам да ги генерира потребните документи во дигитална форма. Исто така се предлага МОН да формира работан група со претставници на засегнатите страни која ќе изготви предлог законски измени на Законот за високо образование за акредитирање на студиските програми за електронска работа и исклучиво користење на електронски индекс и нивно доставување до Собранието.
„За поздрав е што едниот заклучок ќе биде веќе реализиран а тоа е формирање на работната група бидејќи уште наредната недела присутните на јавната расправа ќе се сретнат со министерот за информатичко опшество каде ќе им биде презентиран планот од страна на Министерството што се превзема во однос на дигиталната трансформација и ќе се пристапи чекор по чекор во законски рамки да биде дигитализацијата“, посочи Закојва.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу зборуваше за напорите за дигитализација што ги прави Владата, но исто така укажа дека како општество мора да бидеме во тек со потребите и промените во дигиталниот свет од аспект на инклузивност. Посочи на предлог-законот за сајбер безбедност и критична инфраструктура со којшто е предвидено да се создаде Агенција за дигитална трансформација и кој според него се очекува наскоро да влезе во собраниска процедура. Овој закон според министерот Алиу ќе биде „чадор“ на ниво на земјата за да може да ги следи тековните и дигитализацијата на ниво на нашето опшество.
Алиу најави промена на Законот за архивско работење, која е во процедура.

„Нема да се архивира само хартиен документ туку исто така таму предвидуваме дека и електронски документ може да биде архивиран и истиот да се употреби како таков, и мислам дека ова е голем чекор во дигитализација на нашето општество. Исто така, постои потреба од креирање активни хабови за иновативни решенија преку кои професорите, со приватниот сектор и со студентите ќе можат да креираат решенија за актуелни општествени и научни или да разговараат за своите проблеми со цел да се решаваат на иновативен начин.“, рече Алиу.
Проректорот за настава на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Мишко Џидров изрази задоволство што неговиот универзитет се посочува како позитивен пример за дигитализација. Професорот Џидров смета дека универзитетите треба да развиваат и студентски програми што ќе нудат флексибилно студирање.

На дебатата учествуваа и дебатираа претставнички и претставници на повеќето универзитети во земјата, раководствата на студентските парламенти, пратеници од Клубот за младински прашања и политики при Собранието, како и претставници на младински организации во земјата.
Како следен чекор, во текот на месец Јануари 2024 година, беше закажана и средба со министерот за информатичко општество и администрација и неговиот тим во рамките на надлежното Министерство.

