Конкретни предлози за воведување или подобрување на е-услугите и е-наставата на универзитетите – Заврши Digi Edu хакатонот во организација на ИДУЕП и ФНФ

Со конкретни студентски предлози за брза и одржлива дигитализација во високото образование кои ставаат фокус на е-наставата и е-услугите на универзитетите во земјава бе комплетирани заклучоците од дводневниот „Диги образованиот хакатон“ кој се одржа на 18 и 19.12.2023 година во просториите на „Млади Хаб“ во Скопје, а во рамките на кој студенти претставници на различни универзитетски студентски собранија изнаоѓа конкретни решенија за спроведување на брза и одржлива дигитализација во високото образование.

Ментори на целиот процес беа пратеничките Моника Зајкова и Марија Петрушевска, претставници на Клубот за младински прашања и политики во Собранието, одговорни лица во ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и претставници на граѓански организации од „#DigiU“ платформата за дигитализација во високото образование. Тие, заедно со студентските претставници, ги мапираа сите предизвици и решенија во рамките на процесите на е-учење и е-услуги на универзитетите во земјата, со особен фокус на различните позитивни пракси кои веќе се спроведуваат на дел од високообразовните институции во регионот или во светот.

Целта на Хакатонот беше заедничка работа и дружење помеѓу претставниците и претставничките на универзитетските студентски собранија кои во текот на двата дена работеа на конкретните идеи за примена на дигитална трансформација на универзитетите. Тие, своите идеи, заедно со пратеници, професори и претставниците на граѓанските организации ги обликуваа во форма на финални заклучоци и предлози за законски измени кои ќе бидат презентирани и дадени на разгледување и усвојување од страна на пратениците на јавна дебата во Собранието насловена „Неопходни законски измени за брза и ефикасна дигитализација во високото образование“, а закажана да се одржи на 20.12.2023 година во 12 часот. Собраниската јавна расправа ја организира Клубот за млади пратеници во соработка со „#DigiU“ платформата за дигитализација во високото образование, а на неа, покрај учеството на пратениците од Клубот, се очекува присуство на министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, високи претставници на Министерството за образование и наука, како и други релевантни институции и организации од оваа сфера.

„Диги образованиот хакатон“ беше организиран од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и германската фондација за слобода „Фридрих Науман“,а во соработка со Клубот за младински прашања и младински политики при Собранието.

Поврзани соддржини

Leave a Comment