Сојузот на средношколци (СС), Националното студентско тело (НСТ) и Форумот за образовни промени (ФОП) денес започнуваат со изработка на заедничка платформа за дејствување во 2025 година. Оваа активност, која се случува за прв пат од независноста, има за цел на едно место да ги обедини средношколската и студентската организација со цел тие да изработат најмалку 10 приоритети и проекти кои ќе ги реализираат со заеднички напори во 2025 година.
Ваквиот процес на стратешко планирање е поддржан од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и германската Фондација „Фридрих Науман“, а ќе започне денес, 27.12.2024 година во периодот од 11:00 до 15:00 часот во Скопје („Нетавил“ хаб, ул. „Никола Тесла“ бр. 9).
За време на четиричасовниот настан, претставниците на трите организации ќе работат на конкретни теми кои се најприоритетни во нивното дејствување, ќе градат план на активности како да ги актуелизираат во јавноста и истите да ги спроведат. Предвидена е и менторска поддршка за дополнително градење на вештини на организациите во делот на јавното, како и застапувањето пред јавните институции и донаторската заедница.
По завршувањето на овој настан и дефинирањето на 10 заеднички приоритети и активности на студентите и средношколците во 2025 година, истите ќе бидат доставени до останатите партнерски и други заинтересирани младински организации со цел добивање на нивното мислење, предлози и особено начини на кои тие би се приклучиле и би го поддржале целокупниот процес во 2025 година.
