Дигитална трансформација на универзитетите носи предност за секого – Остварени консултативни средби на дел од државните универзитети

Во рамки на иницијативата за организирање на „Диги образованиот хакатон“ од страна на ФНФ и ИДУЕП, а на кој студенти претставници на различни универзитетски студентски собранија ќе изнаоѓаат конкретни решенија за спроведување на брза и одржлива дигитализација во високото образование се одржаа низа на консултативни средби со претставнички и претставници на дел од универзитетските студентски собранија и дел од ректорските управи на државните универзитети.

Претставници на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи: Бојан Кордалов, комуниколог и претстедател на ИДУЕП и Шевал Зиза, студентски координатор во рамки на оваа проектна активност, заедно со координаторката на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, пратеничката Моника Зајкова на 6 декември се сретнаа со претседателот на УСС при Универзитетот „Св. Кирил и Методија“, Александар Николовски и дел од раководството на УСС УКИМ, како и со студентската правобранителка, Савче Ѓошева.

Следната средба се одржа на 12 декември, а беше организирана на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде беше остварена средба со раководството на УСС УГД, студентскиот правобранител и проректорот за настава и дигитализација при штипскиот Универзитет, проф. д-р Мишко Џидров.

Следниот ден, односно на 13 декември, се одржа работна средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р. Изет Зеќири, кој истакна дека е неопходна дигитализација во сите сфери со цел олеснување, поедноставување и модернизација на процесите. Според ректорот Зеќири, дигитализацијата во високото образование е од суштинско значење, па затоа тој изрази целосна поддршка на иницијативите на кои работат ИДУЕП, ФНФ и Клубот за младински прашања и политики во оваа сфера.

Тема на сите три средби беа тековни иницијативи и соработки во дел на дигитализација во високото образование, тековни можности за заеднички активности помеѓу сите страни, а во интерес на подобрување на положбата на младите и студентите во целата земја. Исто така, претставниците на ИДУЕП и координаторката на Клубот ги поканија студентските собранија и претставниците на ректорските управи да номинираат учеснички и учесници на „Диги образовниот хакатон“, како и на јавна дебата во Собранието насловена „Неопходни законски измени за брза и ефикасна дигитализација во високото образование“.

Во рамки на „Диги образованиот хакатон“ студентите од различни универзитетски студентски собранија ќе изнаоѓаат конкретни решенија за спроведување на брза и одржлива дигитализација во високото образование.

Целта на Хакатонот е заедничка работа и дружење помеѓу претставниците и претставничките на универзитетските студентски собранија кои во текот на двата дена ќе работат на конкретни идеи за примена на дигитална трансформација на универзитетите. Тие, своите идеи, заедно со пратеници, професори и претставниците на граѓанските организации ќе ги обликуваат во форма на финални заклучоци и предлози за законски измени кои ќе бидат презентирани и дадени на разгледување и усвојување од страна на пратениците на јавна дебата во Собранието насловена „Неопходни законски измени за брза и ефикасна дигитализација во високото образование“, а закажана да се одржи на 20.12.2023 година во 12 часот. Собраниската јавна расправа ја организира Клубот за млади пратеници  во соработка со „#DigiU“ платформата за дигитализација во високото образование.

„Диги образованиот хакатон“ е организиран од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и германската фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со Клубот за младински прашања и младински политики при Собранието.

Поврзани соддржини

Leave a Comment