Овој петок во Тетово ќе се организира петтиот „Walk and Talk“ настан кој има за цел подигање на свеста и надминување на стигмата поврзана со менталното здравје помеѓу младата популација. Целта е да се охрабрат младите луѓе на возраст помеѓу 15-25 години отворено да разговараат за предизвиците за менталното здравје преку пристап заснован на активности прилагодени за оваа возраст.
Според концептот на проектот предвидено е креирање на мапа по која учесниците ќе се движат за време на настаните со 3 точки на застанување каде експерти за ментално здравје заедно со младите ќе разговараат за сите предизвици со кои тие се соочуваат.
Караванот започна од Струмица и Валандово, a досега беше организиран и во Штип и Пробиштип. Предвидено е организирање на вакви настани и во Кратово, Кочани, Гостивар, Виница, Блатец, Прилеп, Битола, Куманово, Велес, Кавадарци и Скопје.
Иницијативата „Walk & Talk“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници, а со поддршка на локалната Канцеларија на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).