Со кого разговараш кога нешто те мачи? Ова беше само една од темите на кои зборуваа младите во отворен разговор за време на првиот настан „Walk and Talk“ во Струмица.
Настаните „Walk and Talk“ организирани под иницијатива на Министерството за труд и социјална политика и поддржани од страна на УНИЦЕФ, а спроведени од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници имаат за цел подигнување на свеста за менталното здравје кај адолесцентите и нивните семејства. Замислени како младинска пешачка рута со разновидни креативни активности и можности за меѓусебни разговори, за време на настаните се обезбедува форум за младите да отворат прашања и заеднички да изнаоѓаат решенија.
За време на настаните, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани денеска заедно со претставници од извидниците и млади лица пешачеа по претходно смислена пешачка рута во Струмица и Валандово.
Тренчевска за медиумите истакна дека темата ментално здравје треба да биде доста актуелна кај младите. Затоа, Министерството се вклучува во настани кои ќе ја поттикнат свеста за менталното здравје.
„Системот за социјална заштита е оној кој треба да се грижи за благосостојбата, но и оној кој охрабрува, поттикнува и мотивира. Затоа сме тука денес. Зашто младите го менуваат нашето општество, дестигматизираат и исчекоруваат. Нашата крајна цел е креирање на позитивна благосостојба низ која можеме да го достигнеме целосниот потенцијал кај секоја една индивидуа“, изјави Тренчевска.
„Многу деца и млади страдаат сами и не бараат помош поради стигма или отсуство на иницијативи за унапредување и заштита на менталното здравје и грижа за оние на кои им е најпотребна,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Никој не треба да биде оставен сам да се справува со предизвиците околу менталното здравје. Треба да се погрижиме децата и младите да добијат поддршка кога тоа им е потребно.“
Младоста е клучен период за развој на социјалните и емоционалните навики коишто се важни за менталната добросостојба. Тоа е период кога менталното здравје може да биде под влијание на различни фактори кои би можеле да доведат до зголемен стрес, меѓу кои и притисокот да се припаѓа на врснички групи, родовите стереотипи, проблематичното влијание на социјалните мрежи, нискиот квалитет на семеен живот и социо-економските услови.
Имајќи ги предвид брзите општествени промени, брзиот развој на дигиталните технологии, пандемијата со Ковид-19, како и отсуството на дефинирани и одржливи програми за поддршка на менталното здравје кај младите, неопходно е да се подигне свеста за потребата навремено да се интервенира за да се одговори на проблемите со менталното здравје кај младата популација.
Иницијативата е предвидено да има 16 настани во различни градови кои имаат за цел да ги поттикнат младите (15-29 години) отворено да зборуваат за предизвиците на менталното здравје и да го дестигматизираат менталното здравје воопшто преку пристап заснован на игра.
Замислата на оваа иницијатива е настаните да се спроведуваат како рути за заедничко пешачење со цел да се промовира физичката активност и придобивките од активностите на отворено за менталната добросостојба. Пешачењето го смирува умот, го подобрува расположението, го намалува ризикот како од депресија, така и од други проблеми поврзани со стресот и анксиозноста. Преку овие заеднички активности со врсниците и пријателите, социјализацијата може да даде и дополнителна придобивка, помагајќи им на младите да почувствуваат стабилност и потпора.
„Walk and Talk“ настаните произлегоа од консултативниот процес со младите што беше организиран во партнерство со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници.