„Остави трага“ од Кавадарци: Заедно даваме пример дека младите луѓе ни се важни, да бидеме нивна лична мотивација и поттик

Плоштадот во Кавадарци беше централното место каде се одржа петтиот од низата на јавни настани за подигање на јавната свест помеѓу младите луѓе, насловен „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“. На едно место се обединија претставници на централната и локалната власт со цел давање поттик за младите луѓе да бидат поактивни и повеќе вклучени со свои иницијативи во обликувањето и менувањето на општеството. Спојот на раскажани успешни и мотивациски лични приказни, како и драмата, музиката и уметноста беа само дел од начините преку кои караванот допре до младите луѓе и пошироката бројна публика во Кавадарци, но и послужи како конкретен пример за поддршка во борбата за еднаквост за секоја личност.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска посочи дека е среќна што е дел од овој караван кој очекува сега и особено во иднина да остави позитивна трага кај младите и жените.

„На претходните настани зборував за мојата лична приказна, зборував за мојата Струмица, зборував за книгата „Папата Јована“,за најновиот филм „Барби“, а денеска ќе ги спомнам среќата и љубовта. За да креираме, за да сонуваме, за да обликуваме и за да имаме иднина треба да сакаме, да бидеме среќни и да делуваме со многу љубов. Меѓутоа, зависи и тоа кој како ја гледа среќата, а за мене среќа е да одиш на работа која ја обожаваш. Јас 30 години станувам секое утро и ја работам работата што ја сакам и на таков начин ја остварувам својата цел. Среќна сум да испијам кафе со моите пријателки од детството, среќна сум кога цела фамилија сме на празничен ручек, среќна сум што денес сум во Кавадарци…“, рече Тренчевска.

Пораката што сакам да ја упатам денеска е дека треба да бидеме борци, да не се откажуваме, да не потклекнуваме ни на притисоци, ни на закани и какви било надворешни влијанија, доколку сметаме дека тоа што го работиме е искрено, чесно, во функција на сите и за подобро на општеството во коешто живееме, истакна вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска.

„Како математичарка и како жена, секогаш го истакнувам примерот на Кетрин Џонсон, првата жена и афроамериканка, која во 50-тите и 60-тите години од минатиот век го дала најголемиот придонес за развој на вселенската програма на НАСА. Нејзе не ја обесхрабриле ниту понижувањата заради бојата на кожата, ниту фактот зашто нејзините колеги гледале со сомнеж ако им укажувала и им ги коригирала калкулациите што ги правеле рачно. Ниту пак ја обесхрабриле предизвиците што тогаш ги имала како мајка на три деца. Била борец, се борела за тоа во што верувала, затоа што верувала во своето знаење, имала самодоверба дека тоа што го прави, го прави за вистинско добро“, посочи Грковска за време на дебатата насловена „Еднаква, своја, успешна!“

Амбасадорката на Германија, Н.Е. Петра Дрекслер пред присутните сподели дел од својата мотивациска приказна насочена кон младите луѓе.

„Кога бев мала, еден ски-скокач од моето родно село освои олимписко злато. Сите ние бевме неверојатно горди, секој сакаше да стане ски-скијач. Немаше втор олимписки победник од моето село. Но, спортскиот успех е дел од идентитетот на сите нас од селото. Не станува збор за тоа, секогаш да се остварат сите свои цели. Важно е тие да постојат и човек да се сеќава на своето потекло“, рече амбасадорката Дрекслер за време на настанот кој се одржа на плоштадот во Кавадарци.

Да замислуваш дека сонот што го сонуваш е реалност. Да се стремиш кон тоа и во реалноста да си најдобар во својата работа исто и како во сонот. Само на овој начин ќе се реализираат вашите планови. Со овие зборови ја започна својата успешна приказна градоначалникот на Општина Кавадарци, д-р Митко Јанчев.

„Мора да сме убедени дека тоа што го посакуваме ни е блиску на дофат. Само така и побргу ќе стигнеме до него. Бидете упорни, бидете вредни и искрени, на тој начин преку многу труд и љубов ќе почнете да ги живеете своите соништа. Многу работи ќе тргнат кон подобро, не се откажувајте“, рече Јанчев во рамки на „Остави трага“ во Кавадарци“.

Во своето обраќање, Марија Андреева, проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје истакна дека оваа заедничка Програма на Европската Унија и Советот на Европа ќе продолжи со поддршката на вакви активности кои имаат за цел зајакнување и поддршка за еднаквост и различност, зајакнување на заедничката борба против дискриминацијата и говорот на омраза, како и дека меѓусебното почитување и еднаквост се најдобрата трага која можеме да ја оставиме во општеството.

За време на панел дискусијата се обратија и Др Весна Чемерска Попова, стоматолог и косопственичка на винарница, Сашка Кузманова, хуманитарец и сопственичка на компанија, Александра Цветковска, програмска директорка во НДИ и Мајкл Георгиевски, ученик. Настанот официјално го отвори групата „Шербет“, а беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши. Целта на ваквите настани е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, како и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.

Серијата јавни настани „Остави трага – Дојди и раскажи ја твојата приказна“ се спроведува во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Поврзани соддржини

Leave a Comment