Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со YES Alumni – Програма поддржана од Стејт Департментот на САД, Ве покануваат на јавниот настан насловен „Македонскиот евроинтеграциски пат – Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.
Датум на одржување: 3.4.2023 година, понеделник, со почеток во 12:30 часот, локација: American Corner во Скопје, Економски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (бул. „Гоце Делчев“ бр. 9В; 1000 Скопје).
Говорници на настанот се Александар Ивановски, директор во CFE Tax Advisers Europe (Европска Асоцијација на даночни советници), Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП, а модераторка и говорничка на овој настан е и Теодора Бошкова, алумнистка на YES Програмата.
Целиот настан е од отворен карактер. Пријавување на заинтересираните учеснички и учеснички на следниот ЛИНК
На дебатата ќе бидат отворени теми поврзани со македонскиот евроинтеграциски процес, предизвиците и следните чекори на овој план, со фокус на позитивните пракси и искуства од земјите-членки на ЕУ од регионот. Настанот е предвиден како директна дебата со студентите и можноста за размена на искуства на овие теми со младите луѓе од земјава.
Истовремено, овој јавен настан има за цел и поттикнување, односно давање на конкретен придонес за водење на инклузивен процес на пристапување во ЕУ, со вклученост на сите граѓани и заинтересирани субјекти со цел да го дадат својот придонес. Исто така, комуникациските принципи и инклузивната комуникација заземаат посебна важна улога во овој процес, како и поддршката која може и се очекува да ја дадат експерти со седиште во земјите-членки од ЕУ и со стекната своја експертиза во некое од преговарачките поглавја.