Интегрален текст од презентацијата на наодите, заклучоците и препораките во рамки на спроведениот Проект „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ на 9. седница на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) при Собранието од страна на Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на НСЕИ:
„Почитуван претседател на Националниот совет за евроинтеграции, почитувани пратеници и пратенички, членови на Национален совет, претставници и претставнички на делегацијата на Европската Унија и Шведската амбасада, драги пријатели.
Ми претставува навистина огромна чест и задоволство што на оваа тематска седница, односно за време на 9-та седница на Националниот совет за евроинтеграции се разгледува Анализата на ИДУЕП и што имам можност да ги презентирам наодите, заклучоците и препораките во рамки на спроведениот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат вештини денес”. Проект кој е финансиран од страна на Европската Унија, а субгарантиран од страна на Фондацијата „Ана и Владе Дивац“, „Младинскиот сојуз“ – Крушево и три партнерски организации од регионот.
Нашата цел беше и е, да дадеме шанси и можности за дијалог на оваа тема и мислам дека, во одредена мера успеваме. Оваа јавна дебата денеска во НСЕИ е доказ дека, во одредена мера успеваме тоа да го постигнеме бидејќи сметавме и се уште сме убедени дека младите и работодавачите се партнери, а не непријатели во овој процес. И токму разговорот за потребите на младите и очекувањата на работодавците е единствениот излез во оваа тема. Понатаму, јавните институции е неопходно да создадат законски и други основи за примена и промена на професиите на иднината, меѓутоа тоа е неопходно да го направат денес.
Од овие причини, проектот го носи името или содржи во себе дека професиите и вештините бараат акција денес. Со цел да ја дадеме нашата поддршка и конкретна акција, ја изработивме оваа анализа која ја имате и пред вас достапна во два јазични формати. На нејзиното пишување директно работеше тим од 5 луѓе, меѓутоа многу е важно да посочиме дека претставува дел од годишен консултативен процес во кој беа вклучени над 30 младински организации, стопанските комори со свои претставници и претставнички, над 50 активни млади луѓе, како и други општествени чинители. Горди сме на ова што го изработивме, а го сублимиравме во 14 точки конкретни препораки кои што ќе ги презентираме пред вас.
Во интерес на времето само ќе ги набројам некои од точките или некои од заклучоците кои што се дел од оваа анализа:
- Младите сакаат квалитетни работни места кои нудат можности за развој на вештини, очекуваат и сакаат да бидат соодветно платени.
- Законот за работни односи се очекува да ја регулира работата од дома, а флексибилното работно време е предизвик и можност која што носи бенефити и за младите и за работодавачите и што е најважно многу поголема продуктивност.
- Младите во ИТ секторот и олеснувањето, особено намалување на данокот на нула проценти како идеја, но и други олеснувања бидејќи многупати до сега се уверивме дека дигитализацијата и ИТ вештините се нешто кое ги држи младите да останат во својата земја и ги мотивира да заработуваат и живеат многу подобро дома.
- Фриленсерите кои се огромна категорија на луѓе, можеби неколку десетици илјади, меѓутоа многу ретко се дел од целокупниот процес на она што се нарекува регулирање и поддршка во насока на финансиска поддршка, здравствено осигурување и слично.
- Мерките за самовработување, платената пракса и волонтирање со своите нови форми, обуката и доквалификација на младите во компаниите, но со поддршка на државата и јавните институции. Бидејќи соодветно е да очекуваме дека им треба поддршка на младите но и самата држава е потребно да вложи во таквиот тип на обуки.
- Понатаму, секако и сите реформи кои што се неопходни во образованието, дуалното образование за кое што многу се зборува и веќе се применуваат конкретни работи, здравството и здравственото осигурување како важен сегмент.
- Борбата со корупцијата за која што многу зборуваме, меѓутоа многу малку дејствуваме
- Здравата животна средина преку поддршка на младинските иницијативи и загриженоста на младите за тоа во каква животна средина ќе останат да живеат, но и каков воздух, вода и ќе им оставиме на следните генерации.
Како што споменав, овие препораки произлегоа директно од едногодишната работа и консултативен процес. Нагласувам дека ние од ИДУЕП и другите вклучени во оваа Анализа не сме најпаметните, меѓутоа сакаме и сметаме дека овој ДОКУМЕНТ треба да биде основа за различни мислења и дополнувања, но првенстцено за брза и конкретна акција за менување на општеството. Се надевам дека ќе предизвикаме уште поширока дебата тука во Собранието, но и во медиумите бидејќи уверен сум дека целта ни е заедничка: да ги мотивираме младите луѓе да продолжат да бидат мобилни, да го освојуваат целиот свет и да ги искористат неограничените можности кои им ги нуди глобализацијата. Но, истовремено, и да сакаат да се вратат својата земја и да бидат креатори на македонското општество.
Благодарам уште еднаш до Националниот совет за евро интеграции и до Собранието, од името на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), на Младинскиот сојуз и на целиот тим.
Од огромно значење за младите луѓе, но и за целото општество е денешната активност, која на крајот се надевам дека ќе заврши со конкретни препораки и насоки до јавните институции, да биде разгледана и токму овие институции да ги применат препораките наведени во анализата „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат вештини и знаења денес”.
Ви благодарам уште еднаш и се радувам на целокупната денешна дискусија која следи и заклучоците кои ќе бидат предложени.
Анализата е достапна ТУКА
Сите документи поврзани со тематската седница на НСЕИ се достапни ТУКА