Со формирањето на Младинскиот совет, Тетово очекува да се надмине јазот меѓу младите и институциите – Клубот на млади пратеници и ИДУЕП во заедничка посета на Општината

Општина Тетово овој месец го основаше локалниот Младински совет и со тоа очекува да започне да се надминува јазот кој постои помеѓу младите и институциите. Клубот за младински прашања при Собранието и граѓанскиот сектор ја нуди својата поддршка, а младите пратеници интензивно ги разгледуваат сите недостатоци кои со себе ги носи Законот за младинско учество и младински политики и веќе размислуваат за законски решенија со цел нивно надминување – ова се дел од заклучоците во рамки на посетата на Општината реализирана како дел од иницијативата „Младите во фокусот“, во организација на Клубот за младински прашања и политики во Собранието и Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП).

„Во тек е изработката на стратегија, програма за работа, како и определување на посебни простории и обезбедување на законски определениот буџет од 0,1 процент со цел непречено функционирање на локалниот Младински совет во Општина Тетово. И покрај наследениот долг, како Општина правиме сѐ за да ги поддржиме младите од Тетово и да овозможиме нивно вклучување во работата на локалната самоуправа“, истакна градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Во делот на дигиталната трансформација на услугите на локалната самоуправа, градоначалникот Касами информираше дека Општина Тетово го спроведува проектот „Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово“, кој е кофинансиран од страна на Европската Унија во рамки на Програмата „ЕУ за општините“ и има за цел да поддржи одржливи дигитални решенија и пракси на локално ниво.

Пратеничката и координаторка на Клубот за младински политики при Собранието, Моника Зајкова го поздрави основањето на Младинскиот совет, нагласувајќи дека како собраниско тело редовно ја следат имплементацијата за Законот за младинско учество.

„Заедно со другите пратенички и пратеници од Клубот констатиравме дека процесот не се одвива со најпосакуваната динамика, дека само околу 30 општини имаат формирано вакви совети, а во дел од нив тие функционираат и само како проформа. Свесни сме и дека дел од општините не се во добра финансиска кондиција, па токму тука размислуваме и за одредени законски измени кои ќе овозможат на младите луѓе на локално ниво да го добијат законскиот буџет за младинско организирање и функционирање“, посочи пратеничката и координаторка на Клубот, Моника Зајкова.

Зајкова и Касами разменија размислувања за тоа како би можел да се зајакне законскиот текст, но и подобри праксата за имплементацијата на овој важен Закон за младите. Како дел од предлозите беа овозможување на посебна буџетска сметка за  локалните младински совети, финансирање од страна на централната власт наместо од страна на дел од општините, можности за регионално здружување на дел од општините со цел заедничко реализирање на нивните законски обврски, како и поголема поддршка за младинското организирање на локално ниво од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Координаторката Зајкова истакна дека за сите овие иницијативи ќе побара поддршка преку испраќање на информација до Агенцијата за млади и спорт која со поддршка на мисијата на ОБСЕ активно работи на изработката на новата Национална стратегија за млади.

За време на средбите со претседавачот на Советот, Бесар Дурмиши, претставниците на повеќето советнички групи, како и младинските организации и претставници беа разгледани сите отворени теми, предизвици и проблеми со кои се соочуваат младите, како и можните решенија за подобрување на животот на младите на локално ниво.

Како дел од предлозите за соработка и решенија беа издвоени: поголемо вклучување на студентите во работата на локалниот Младински совет; поголема информираност и вклученост на младите во работата на општината преку Младинскиот совет; натпартиска соработка помеѓу сите советнички групи на тема млади и дигитализација; поддршка на различни активности за млади, кои не секогаш нужно треба да се од доменот на политиката; формирање на општинска Комисија за млади и спорт која ќе биде сочинета од советници и советнички од сите партии застапени во Советот на Општината; членовите на локалниот Младински Совет да одат во редовна посета на Собранието и Клубот за младински прашања, како и да се воспостави директен линк со цел едноставно покренување на иницијативи, јавни дискусии и други јавни настани.

Во рамки на средбите во Општина Тетово, од страна на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Евроатлантскиот совет како граѓански организации беше понудена и конкретна поддршка за локалниот Младински совет.

„Охрабрува јавната заложба од страна на градоначалникот, но и претставниците на различни советнички групи заеднички да работат со цел профункционирање на локалниот Младински совет во Тетово. Би било навистина одлично доколку позитивното искуство кое го гледаме во собранискиот Клуб за млади каде пратениците од различни партии соработуваат во интерес на младите, тргајќи ги на страна своите политички интереси и бои, успеете заеднички да го пресликате во работата на Советот на Општина Тетово. Ние како граѓански организации ќе ја дадеме нашата конкретна поддршка и тоа за почеток во рамки на изработката на стратегијата и програмата за работа на локалниот Младински совет, како и во насока на организирање на заеднички настани кои ќе привлечат млади луѓе од различни универзитети да започнат со работата, но и приклучат на младинскиот Совет. Само со привлекување на поголем број на млади луѓе да се вклучат во процесите на одлучување на локално ниво, може да се намали бројката на млади кои секојдневно купуваат билет во еден правец кон аеродромот во Скопје“, посочи комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов.

Во рамки на иницијативата „Младите во фокусот“, беше одржана и кратка интерактивна обука наменета за дел од младинските организации од Тетово на тема „Info vs. Disinfo“, а како follow-up на Проектот „Градење на отпорност кон дезинформациските практики” кој го спроведе Евро-Атлантскиот Совет со поддршка на НАТО секторот за јавна дипломатија и ИДУЕП. Исто така, беше промовиран и „Прирачникот за дигитална трансформација кон е-општини“ кој е издаден од страна на ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“.

На крајот од посетата на Тетово во рамки на иницијативата „Млади во фокусот“, а на покана на Форумот за образовни промени (ФОП), беше остварена и посета на Центарот за младински активизам во Тетово, каде извршниот директор на ФОП ги презентираше резултатите од истражувањето „#PolicyBrief 1.0“ за вклученоста на младите во општините Тетово, Гостивар и Скопје. Тој посочи дека младите јасно истакнале дека нивната позиција во општеството е незадоволителна, како и дека смета дека ваквите интензивни соработки помеѓу граѓанскиот сектор и институциите можат да помогнат во подобрување на оваа констатирана состојба.

Иницијативата „Младите во фокусот“ има за цел зајакнување на соработката помеѓу Собранието и единиците на локалната самоуправа, со вклученост и на граѓанскиот сектор, а првенствено во интерес на подобрување на положбата на младите луѓе во општеството, како и процесот на дигитална трансформација кој е од интерес на сите граѓани. Досега вакви активности во рамки на иницијативата беа реализирана во соработка со општините Охрид, Валандово, Куманово, Струмица и Гостивар.

Оваа иницијатива е дел од заложбите на собранискиот Клуб за млади пратеници за преземање на конкретни активности со цел вклучување на младите луѓе во општествените текови, како и нивна консултација и вклучување во процесот на носење одлуки од страна на јавните институции. Истовремено, иницијативата е дел и од соработката на Клубот со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) за вклучување на општините во заеднички активности кои имаат за цел поставување на дигитализацијата како натпартиски и национален приоритет, односно директна потреба и барање на младите луѓе од целата земја.

Поврзани соддржини

Leave a Comment