Претседателот Стево Пендаровски се сретна со претставници од Сојузот на средношколци, кои го информираа за досегашните и идни активности во рамки на иницијативата „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“, која се од минатата година се реализира во соработка со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Средношколците го запознаа Претседателот со заложбите за реформирање и подобрување на ученичкото организирање. Тие информираа за финализацијата на предлог-законското решение, со кое по првпат во државата ќе се регулира средношколското организирање, а преку кое се предвидува организирање на директни избори од страна на сите ученици во училиштето за нивниот претседател, како и за формирање на совети на ученици.
Претседателот Пендаровски, изразувајќи поддршка за иницијативата за подобро средношколско организирање во државата, истакна дека тоа ќе придонесе кон процесите за создавање на млади лидери, неопходни за развој на демократијата како траен систем на уредување на општеството и политиката за сите генерации во иднина.
На средбата стана збор и за иницијативата на претседателот Пендаровски за вклучување на демократското политичко образование во нашиот формален образовен систем, која е промовирана преку Претседателскиот центар за политичко образование.