Потребна е медиумска и дигитална писменост и фокус на спроведување на одржлива дигитализација – беше заклучокот на Конференцијата на тема „Дигитализација“ која се одржа во Прилеп, а во рамки на француското претседателство со Европската Унија. Конференцијата беше во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот Институт, а беше отворена од страна на претседателот Стево Пендаровски, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески. Панелисти на Конференцијата „Дигитализација“ беа Беноа Лутрел, член на Советот за регулација на аудиовизуелна и дигитална комуникација, поранешен директор за односи со јавност во Гугл и поранешен генерален директор на ARCEP, Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси од НВО Метаморфозис, Елена Стојановска, консултант од областа на заштитата и безбедноста на личните податоци, како и Бојан Кордалов, комуниколог и Координатор на Програма за транспарентност и дигитализација при Институт за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Претседателот Пендаровски ја нагласи важноста на дигитализацијата како предуслов за економски развој, за транспарентни, одговорни институции и за квалитетни јавни услуги што ќе ги задоволуваат потребите на граѓаните.
„За таа цел, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот „МКД2030“ како наша, автентична стратешка рамка за развој до крајот на оваа деценија. Наскоро ќе го промовираме тој проект во јавноста, но, уште од сега е јасно дека еден од основните постулати за развојот да биде можен е тој да биде – дигитален“, истакна претседателот пендаровски.
Говорејќи за дигиталната сфера како основа за напредок, тој посочи и на еден од клучните предизвици – големиот обем на дезинформации и брзината со која се шират преку дигиталните платформи и социјалните мрежи. Оние кои стојат зад кампањите за дезинформирање ги злоупотребуваат слабите страни на општеството, ја намалуваат неговата отпорност, ја поткопуваат довербата кон институциите и, за жал, успешно ги продлабочуваат поделбите меѓу луѓето, смета претседателот Пендаровски, посочувајќи дека лажните вести и дезинформации успеваат особено во периоди на неизвесност, каков што е овој сега, оптоварен со пандемија, војна, економска и енергетска криза.
Пендаровски се обрати до младите, носители на вештините и знаењето.
„Решението лежи во дигиталното описменување, во создавање на информирани и дигитално одговорни граѓани. Со вашите вештини и знаења, со вашето разбирање на дигиталната сфера, вие, младите, можете да станете пример за активни и одговорни дигитални граѓани. Со тоа ќе помогнете во развивањето на дигитална отпорност која вклучува едуцирање на дигиталните заедници од сите генерации за вештините неопходни за полесно препознавање на лажните вести, рече на денешната конференција „Дигитализација“, претседателот Стево Пендаровски.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер рече дека во овој период, одбележан со многу кризи, со своевиден драматичен пресврт на светот, се случува нов вид на Европа и од тоа сме засегнати сите, вклучувајќи ги и жителите на Република Северна Македонија на која утрешната ЕУ ќе биде и нејзина Унија.
„Го отворам овој циклус на конференции кои ќе се случуваат во рамките на француското претседателство со Европската Унија. Таа ретка прилика која се случува на 13,5 години се случува во посебен контекст: одбележан со големи кризи, со своевиден драматичен пресврт на светот. Европа покажува капацитет на адаптирање, исклучителен и признат како таков. Соочени со состојбата во Украина, Европа покажува невидена желба за автономија. Она што е фрапантно е она што ние сега го спроведуваме помеѓу Европејците во овој драматичен контекст, непредвиден и невиден досега, одговара со агендата на француското претседателство со Советот на ЕУ кој е инспириран од говорот на францускиот претседател во септември, неколку месеци по неговото назначување. Уште многу треба да изградиме, но погледот кон Европа полека се менува. Се случува нов вид Европа и од тоа сме засегнати сите, зашто утрешната ЕУ ќе биде и ваша Унија, на сите вас Македонците, а од тоа сме засегнати и сите ние зашто во овој нов геополитички контекст, стратешкиот интерес за европска интеграција на Западен Балкан сѐ повеќе се зацрвстува, а тоа особено значи за Северна Македонија. Тоа беше точно вчера, но е уште поочигледно и денес и, ние сите, секој на своето место што му припаѓа сме мобилизирани за да ја постигнеме таа заедничка цел, а тоа значи: што е можно побрзо отворање на претпристапните преговори за членство во ЕУ. Прашањето за нас е како, овде во Северна Македонија да заживее овој дел од годината со француското претседателство. Од претседателството сакавме да направиме повод да зборуваме за Европа на теми кои се поразлични од вообичаените овде. Унијата се соочува со невидени предизвици, има желба да ги надмине и од тоа сме засегнати сите“, рече Баумгартнер.
Елена Стојановска, консултантка од областа на заштитата и безбедноста на личните податоци смета дека во процесот на дигитализација има и нарушување на личните податоци. Тоа често им се случува на компании, поединци.
„Носењето на регулативата за заштита на личните податоци наметна одговорност за транспарентност кај компаниите кои целата своја активност ја базираат на обработката на личните податоци. Никој од нас не размислува каде, во која држава се наоѓаат нашите лични податоци. А порасна потребата од дигитални услуги. Дојдовме до ситуација дека сите треба да признаеме и да ја поделиме одговорноста во заштитата на приватноста во дигиталниот простор.Треба многу повеќе да разговараме за тоа од каде и од кого ќе бараме одговорност доколку ни се случи нешто при користењето на интернетот или пак на некоја дигитална услуга. Секогаш треба да знаеме врз основа на што споделуваме наши податоци. Дали нашата согласност му е доволна на оној од другата страна, па и да врши профилирање за нас, рече Стојановска.
Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација во рамки на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) смета дека лажните вести наидуваат на плодна почва поради недовербата на институциите.
„Неопходни се транспарентни институции и медиумска и дигитална писменост. Голема е потребата да се избориме со лажните вести и информации, а за тоа ни се потребни медиумска и дигитална писменост, но првенствено и квалитетни навремени јавни услуги од страна на јавните институции каде клучот лежи во дигитализацијата“, истакна Кордалов.
Можеме да бидеме заштитени во интернет просторот само доколку бидеме едуцирани, односно доколку институциите се на ниво на очекувањата од страна на граѓаните, вели Кордалов.
„Кај нас дигитализацијата не се смета само како предност, туку и во одреден дел се сврстува како дел од теориите за заговор. Довербата на граѓаните во институциите е многу мала и тоа е една од причините зошто лажните вести или дезинформациите релативно брзо и лесно фаќаат плодна почва. Клучот е во институциите, добрите јавни услуги, квалитетни и навремени, како и во поддршката и признанието за огромната и важна улога која во оваа борба ја играат традиционалните медиуми. И таа поддршка за медиумите треба да биде секојдневна, покажувана со зборови, како и со конкретни дела од страна на највисоко позиционираните општествени чинители“, рече комуникологот Кордалов на денешната конференција на тема „Дигитализација“.
По излагањата следуваше панел-дискусијата на размена на мислења со млади луѓе: студенти и студентки од Економскиот факултет – Прилеп и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје, франкофони средношколци и средношколки од гимназијата „Мирче Ацев” – Прилеп, гимназијата „Кирил и Методиј” – Неготино, средното економско училиште „Васил Aнтевски Дрен” – Скопје, како и претставници и претставнички од Коалиција на младински организации СЕГА и од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан – РИКО.
Оваа е прва од низата конференции во рамките на француското претседателство со ЕУ. Завршницата ќе биде со голем културен настан во Скопје за време на денот на музиката.