Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) е поддржувач и партнер во организацијата на Cassini хакатонот во Скопје, дел од серијата Cassini Hackathons and Mentoring на Европската Унија. Настанот се одржа од 16 до 18 Мај 2025 година во Скопје и претставува водечка иницијатива на ЕУ за поттикнување на иновациите и претприемништвото базирани на ЕУ вселенски технологии.
ИДУЕП како партнер придонесе за зголемување на видливоста и промоцијата на овој значаен настан, кој им нуди одлична можност на младите иноватори и претприемачи од Северна Македонија и поширокиот регион да се поврзат со европскиот вселенски екосистем и да развијат практични решенија за општествени предизвици.
Cassini хакатонот во Скопје обедини мултидисциплинарни тимови кои работеа со податоци и услуги базирани на вселенски технологии, како и мрежно поврзување и соработка меѓу учесниците и експерти од цела Европа. Иницијативата отвори нови можности за јакнење на иновацискиот капацитет и за зајакнување на соработката меѓу локалните и европските иновациски заедници.

Како дел од својот придонес, ИДУЕП соработува со својот стратешки партнер — Европскиот Центар за извонредност (European Centre of Excellence, ECE Brussels) и во поддршката на менторскиот дел на хакатонот. Бојан Кордалов, Директор за политики и комуникации во ECE Brussels беше еден од официјалните ментори за време на хакатонотот. Тој работеше со тимовите на унапредување на нивните вештини за комуникација и презентација, со цел нивните решенија успешно да ги претстават пред жирито и пошироката публика.
Вклучувањето на ИДУЕП во оваа иницијатива е целосно усогласено со мисијата на Институтот за промоција на дигиталната трансформација, зајакнување на младинската вклученост и поддршка на процесот на европска интеграција. Преку овој ангажман, ИДУЕП активно отвора нови патишта за соработка меѓу чинителите од земјата и партнерите од ЕУ во областа на дигиталните иновации и претприемништвото.
Повеќе информации за хакатонот се достапни на официјалната страница: https://www.cassini.eu/hackathons/north-macedonia
Повеќе информации за Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ Брисел) и за Бојан Кордалов се достапни на официјалната веб страница: https://www.excellenceeurope.org/news/expertise

