Како дел од својата мисија за унапредување на европската интеграција, инклузивната комуникација и регионалната соработка, Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) е дел од организацијата на претстојната Регионална конференција „Мостови на искуство – Зајакнување на сениорското волонтирање низ Балканот“, која ќе се одржи во октомври 2025 година во Скопје.

Оваа значајна конференција ја организираат Асоцијацијата за спорт и волонтирање (АСВ) и водечките европски партнери, меѓу кои и организациите Центар за европско волонтерство (Centre for European Volunteering – CEV), Конфедерацијата на европски услуги на сениорски експерти (Confederation of European Senior Expert Services – CESES) и Европскиот Центар за извонредност (European Centre of Excellence – ECE Brussels).
Конференцијата се организира во контекст на Резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 2026 година за Меѓународна година на волонтирањето за одржлив развој (IVY 2026). Ова претставува важна можност за истакнување на улогата на волонтерите и за интегрирање на волонтирањето во националните и регионалните развојни стратегии. Веќе неколку земји од регионот ја имаат потпишано декларацијата IVY 2026, потврдувајќи ја својата посветеност на оваа агенда.

Конференцијата во Скопје ќе има за цел да ја зајакне регионалната соработка меѓу владите, граѓанското општество, академската заедница и приватниот сектор во насока на промовирање на инклузивно и одржливо волонтирање. Особено внимание ќе биде посветено на сениорските волонтери над 50 години, чие лидерство, експертиза и животно искуство претставуваат значаен придонес кон развојот на заедниците и социјалната кохезија. Нивното активно учество, исто така, поттикнува меѓугенерациска соработка и промовира вредности на солидарност и заемна поддршка.
Настанот, исто така, се очекува да биде платформа за иницирање на Декларација за намери, преку која владите и останатите чинители ќе ја потврдат својата заложба за промоција на волонтирањето за сите возрасни групи, со посебен акцент на сениорското волонтирање како двигател на одржливиот развој.

Во рамки на официјалната подготовка на конференцијата, минатата недела беа одржани средби во Скопје со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за економија и труд, Министерството за спорт, Министерството за европски прашања, како и со бројни организации од граѓанското општество и иницијативи, вклучувајќи ја иницијативата за волонтирање „Support Kochani“. Разговорите се фокусираа на градење на одржлив еко-систем за волонтирање, промовирање на меѓугенерациска солидарност и нагласување на волонтирањето како составен дел од процесот на пристапување кон ЕУ и регионалната соработка.

