Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во периодот од 3 до 7 септември 2025 година, учествуваше на завршната фаза од проектот GenNow, организиран од Фондацијата „Фридрих Науман“. Претставник на настанот кој се одржа во Букурешт, Романија, беше програмскиот координатор во ИДУЕП, Александар Николовски.

Програмата опфати анализа на примери од современи популистички лидери, дискусии за политичка комуникација и интерактивни активности за градење тимски дух. Во рамки на семинарот, посебен акцент беше ставен на феноменот „TikTok-изација на политиката“, каде што преку практични задачи и работа со експерти од областа, учесниците изработуваа содржини наменети за младата публика.

GenNow проектот обедини млади луѓе од десет земји, создавајќи платформа за размена на идеи, искуства и нови партнерства. Покрај работните сесии, програмата овозможи и неформално вмрежување преку активности низ градот, финални презентации и свечена церемонија.

ИДУЕП е партнерска организација на Фондацијата „Фридрих Науман“ од 2022 година, а соработката се фокусира на повеќе главни области, вклучувајќи иновации, дигитални технологии и ВИ, како и млади и европски интеграции.

