ЕУ членството и воведувањето на европските стандарди дома се заедничка цел – Работна средба на ИДУЕП со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани

Можностите за продлабочување на соработката помеѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Министерството за европски прашања (МЕП) со реализација на заеднички активности со цел спроведување на реформската агенда и воведување на европски стандарди од интерес за секој граѓанин и граѓанка беа дел од разговорите кои претставниците на ИДУЕП Институтот ги одржаа со министерот Муртезани и неговиот тим.

„Од голема важност е соработката со граѓанскиот сектор, особено кога имаме заемни интереси за пробив на европскиот пат. За тоа зборувавме со претставниците на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), како и за соработката која ќе даде најдобри резултати, затоа што Европа и европските стандарди, дома, се наша заедничка цел“, изјави министерот за европски прашања, Орхан Муртезани за време на средбата.

ИДУЕП Институтот изрази надеж дека со поголемо и системско вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на пристапување во ЕУ може да се постигнат многу подобри, побрзи и повидливи резултати.

„Инклузивноста на процесот и правилната комуникација се клучни доколку сакаме да создадеме атмосфера во која секој човек е свесен дека реформите за членство во ЕУ ги правиме првенствено заради нас и поквалитетен живот за сите нас. Заедно со нашата партнерска организација, Европскиот Центар за извонредност од Брисел остануваме на располагање на Министерството за европски прашања и спроведувањето на заеднички активности, посебно оние насочени кон младите луѓе и намалувањето на евроскептицизмот помеѓу нив“, истакна Бојан Кордалов, претседател на ИДУЕП Институтот.

На крајот на средбата беа именувани контакт лица за соработка и беше договорено изработка на план на активности кои би се одвивале во Скопје, како и во Брисел, а ќе придонесат кон исполнување на заедничките цели, полноправно членство во Унијата и воведување на европски стандарди во земјата.

На средбата присуствуваа и Ана Диневска и Стефан Атанасовски Трајковиќ кои се младински активисти на ИДУЕП и кои ќе бидат носители на подготовката на заедничките активности помеѓу ИДУЕП и МЕП.

Поврзани соддржини

Leave a Comment