Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Клубот за младински прашања и политики при Собранието Ве покануваат на 21.7.2023 година, петок, со почеток во 13 часот на настан за промоција на финалниот Документ за идно дејствување на Клубот пред пратениците. Настанот ќе се одржи во сала 6 во Собранието (бул. „11 Октомври“ бр. 10; Скопје).
Документот е изготвен од страна на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“ со цел предлог конкретни активности и мерки кои ќе водат кон подигнување на младинскиот стандард во земјата.
Овој документ е дел од 6месечен консултативен процес во кој беа вклучени различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади, а започна со организирање на јавниот настан на тема „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ кој во текот на месец декември 2022 година се организира во директна соработка со Клубот за младински политики при Собранието.
Презентација на финалниот Документ со конкретни препораки и предлози за идното дејствување на Клубот за младински политики при Собранието 2023/2024 година има за цел и дополнително вмрежување на пратеничките и пратениците со различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади. Се очекува преку ваквиот пристап да се зајакне улогата и вклучувањето на младите луѓе во процесите на одлучување на сите нивоа на власт.
Истовремено, за време на овој настан, младинските граѓански организации ќе имаат можност отворено да разговараат за сите аспекти, односно предизвици и проблеми поврзани со младинскиот стандард, особено со нудење на конкретни решенија кои се единствено можни преку градење на соработки и заедничко дејствување меѓу властите, граѓанскиот сектор и сите други општествени чинители. Дел од темите кои се очекува да бидат опфатени се мерки и конкретни решенија за: корупцијата како главна причина за иселувањето на младите, условите за учење и студирање, условите за престој во студентски домови и објекти, студентскиот оброк, младинската вклученост во одлучувањето и младинското информирање и други видови на поддршка за младите на локално и централно ниво.
Повеќе инфо:
Клубот за младински прашања и политики при Собранието се состои од пратеници и пратенички од различни политички партии кои се на возраст до 35 години. Оваа интерпарламентарна група има за цел да промовира иницијативи и поддржува активности кои во средиште ја ставаат улогата на младите луѓе во општеството и подобрување на нивниот статус во секој сегмент.
Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) е основан во 2009 година со цел промоција на принципите на добро управување, со фокус на транспарентноста, дигитализацијата, поддршка за евроатлантската интеграција, програми за младите луѓе, како и промовирање и примена на позитивни пракси и подобрување на политичката култура и комуникација на локално и централно ниво.