Иницијативата „Младите во фокусот“ започнува од Општина Охрид

Иницијативата „Младите во фокусот“ која се спроведува во соработка помеѓу собранискиот Клуб за младински прашања и политики и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) има за цел зајакнување на соработката помеѓу Собранието и единиците на локалната самоуправа, со вклученост и на граѓанскиот сектор, а првенствено во интерес на подобрување на положбата на младите луѓе во општеството, како и процесот на дигитална трансформација кој е од интерес на сите граѓани.

Реализацијата на Иницијативата започнува од денес, 19 септември 2022 година, од Општина Охрид каде ќе бидат остварени средби со градоначалникот Кирил Пецаков, советници во Советот, одговорни лица во општинската администрација за млади, спорт, како и дигитализација, како и претставници и претставници на локалниот Младински совет и граѓански организации.

Оваа иницијатива е дел од заложбите на собранискиот Клуб за млади пратеници за преземање на конкретни активности со цел вклучување на младите луѓе во општествените текови, како и нивна консултација и вклучување во процесот на носење одлуки од страна на јавните институции. Истовремено, иницијативата е дел и од соработката на Клубот со ИДУЕП за вклучување на општините во заеднички активности кои имаат за цел поставување на дигитализацијата како натпартиски и национален приоритет, односно директна потреба и барање на младите луѓе од целата земја.

Дополнително, фокусот ќе биде ставен на предизвиците за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, градење на капацитети на локалните младински совети но и преземање, односно реализација на заеднички конкретни иницијативи и активности со цел унапредување на положбата и квалитетот на живот на младите луѓе, нивна мотивација да останат во земјата и воспоставување на одржлив процес на дигитална трансформација на локално ниво како важен сегмент од доброто управување на секое ниво на власт.

Како дел од активностите во рамки на Иницијативата „Младите во фокусот“ се предвидува одржување на тековни работни средби во единиците на локалната самоуправа низ целата земја, каде освен градоначалниците и претставници на советничките групи ќе учествуваат и одговорните лица во општините за млади и дигитална трансформација, како и претставници и претставнички на младински граѓански организации и млади општествено активни поединци.

Повеќе инфо:

Клубот за младински прашања и политики при Собранието се состои од пратеници и пратенички од различни политички партии кои се на возраст до 35 години. Оваа интерпарламентарна група има за цел да промовира иницијативи и поддржува активности кои во средиште ја ставаат улогата на младите луѓе во општеството и подобрување на нивниот статус во секој сегмент.

Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) е основан во 2009 година со цел промоција на принципите на добро управување, со фокус на транспарентноста, отчетноста и двонасочната комуникација помеѓу властите и граѓаните, како и промовирање и примена на позитивни пракси на дигитализација на локално и централно ниво.“

Поврзани соддржини

Leave a Comment