87 од вкупно 120 пратеници користеле социјални медиуми во 2019 година. Владиниот кабинет имал 24 од вкупно 26 министри онлајн, додека бројот на активни градоначалници на најмалку еден социјален медиум годинава изнесува 74 од вкупно 81, покажа Анализатa на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).
За потребите на Институтот анализата ја изработи Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми и координатор на Програмата за транспарентност, медиуми и дигитализација на ИДУЕП, а активно беа вклучени и Теа Бошкова, Велимир Лав Илиќ, Ема Павловска и Александра Богдановска – студенти од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Споредено со минати истражувања направени во 2017 и 2018 година, речиси секаде се бележи пад или стагнирање во активното користење на социјалните медиуми од страна на јавните функционери.
Нешто повеќе од 2/3 или 87 од народните избраници биле активни на Фејсбук во годинава што изминува. Следи Инстаграм, каде свои онлајн активности имале 23 пратеници, а на дното на листата се наоѓа Твитер, кој бил популарен меѓу 10 проценти од народните избраници, односно како начин за комуникација го избрале 12 народни избраника. Статистиката покажува дека вкупно 10 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека дури 31 народен избраник немал свој профил/страна или канал на било кој од социјалните медиуми во 2019 година.
Споредено со првата Анализа на оваа тема направена од ИДУЕП во 2009 година се бележи зголемување на бројот на пратеници кои се присутни на Фејсбук. Тогаш ваква активност имаа 35 пратеници, додека бројката е драстично намалена споредено со 110 онлајн присутни пратеници во 2017 година и 112 во 2018 година. Споредено со минатата 2018 година кога на Твитер и Инстаграм биле активни по 31 народни избраници, во 2019 година бележиме видливо намалување на активностите на овие социјални медиуми.
„Јавните функционери е потребно да бидат многу повеќе отворени за медиумите и одговарање на нивните прашања во најкус рок. Истовремено, во време на дигитализација потребно е сите податоци за нивната работа да бидат достапни онлајн што конечно треба да ги постави темелите на дигиталната транспарентност на функционерите и јавните институции. Не треба да се биде присутен онлајн затоа што е модерно, туку пред сè да се излезе во пресрет на очекувањата и навиките на граѓаните кои во огромен процент се активни во интернет просторот“, вели Бојан Кордалов, автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.
Анализата понатаму покажа дека 24 од 26 министри во Владата се активни на Фејсбук во 2019 година, што претставува стабилно зголемување и раст споредено со претходните години. Во 2017 година тој број изнесувал 20 министри, а во 2018 година е забележан и првиот раст, односно 23 членови на владиниот кабинет се присутни на најбројната социјална мрежа.
Намалување во однос на минатата година е забележано на присуството на членовите на Владата на Твитер и Инстаграм. Инстаграм бил изборот на 11 министри, додека 10 се одлучиле да бидат активни на Твитер. Споредба со 2017 година: 8 министри на Твитер, а 10 на Инстаграм; Споредба со 2018 година: 14 министри на Твитер и 14 на Инстаграм.
Статистиката покажа дека вкупно 9 членови на владиниот кабинет истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 2 министри не биле воопшто присутни и отворени за двонасочна комуникација преку социјалните медиуми во 2019 година.
Актуелниот премиер Зоран Заев, како и новопредложениот премиер Оливер Спасовски се истовремено активни на сите социјални медиуми опфатени со оваа Анализа: Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
За прв пат, оваа Анализа ги опфаќа го веб присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни имаат 16, додека 1 министерство нема веб страна. 12 министерства се активни на Фејсбук, 6 на Твитер, а 5 од вкупно 17 се присутни на Инстаграм. Само Владата, Министерство за финансии и Министерството за здравство се истовремено присутни со веб платформа, како и свои акаунти на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека, пак, дури 5 министерства не нудат можност да бидат контактирани преку социјалните медиуми.
„Охрабруваат податоците што целокупниот државен врв – претседателот, премиерот и претседателот на Собранието се присутни на онлајн платформите. Сепак, потребно е сите јавни функционери да го практикуваат ваквиот пристап бидејќи транспарентноста и одговорноста мора да се оствари на сите нивоа на власт. Наједноставно кажано, секој јавен функционер и институција кои се финансираат од буџетот, односно од парите на граѓаните и компаниите, мора да бидат отчетни и отворени кон оние кои ги финансираат и на нив да им полагаат сметка“, истакна Бојан Кордалов, автор на Анализата спроведена за потребите на ИДУЕП.
Намалување на активното користење на социјалните медиуми е забележано и кај единиците на локалната самоуправа. 74 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2019 година. Во 2017 година тој број изнесувал 80, а во 2018 година 79 градоначалници се присутни на најбројната социјална мрежа. На Твитер во 2019 година се активни само 5 градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесува 25. Споредба со 2017 година: 5 градоначалници на Твитер, а 21 на Инстаграм; Споредба со 2018 година: 7 градоначалници на Твитер и 29 на Инстаграм.
Статистиката покажува дека вкупно 3 градоначалници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 7 немале свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми во 2019 година.
Кај општинското присуство се забележани следните статистики за 2019 година: Веб страна имаат сите 81 општина во нашата земја, 55 се присутни на Фејсбук, 5 на Твитер, а 12 општини нудат можност да бидат контактирани преку социјалната мрежа Инстаграм. Свое истовремено веб, како и присуство на социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер и Инстаграм) имаат Градот Скопје и општина Карпош, додека, пак, во ера на дигитализација, дури на 23 општини не може да им се пристапи преку било која од овие три социјални мрежи.