Претседателот Стево Пендаровски со позитивен одговор на барањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) за поддршка во форма на покровителство за справување со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави на интернет.
„Би сакал најпрво да Ви честитам на досегашните активности поврзани со подигање на свеста за дискриминирачкиот говор, кој за жал е особено присутен на социјалните медиуми и дигиталните платформи. Несомнено со потпишаниот Меморандум за соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) отворате пат за заедничко дејствување и споделување на знаења и ресурси. Секако тоа е чекор поблиску до креирањето на поширока платформа на организации и други општествени чинители кои ќе работат на изнаоѓање на автентичен национален модел за ефикасно справување со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави на интернет“, стои во дописот кој претседателот Пендаровски го испрати до ИДУЕП.
Претседателот ја изразува неговата увереност дека заедно можеме да влијаеме на спречувањето на дискриминирачкиот говор и да ги заштитиме младите како особено ранлива категорија кога е во прашање овој негативен феномен.
„Уште еднаш, потврдувајќи ја мојата поддршка во форма на покровителство за ваши конкретни активности, Ви посакувам многу успех во тековната работа во оваа област“, заклучува Претседателот во одговорот испратен до Институтот.
Претходно, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи се обрати до претседателот Стево Пендаровски со цел поддршка во форма на покровителство на активностите кои се спроведуваат со цел сузбивање на негативните појави во интернет просторот, како и поддршка на склучениот Меморандум за соработка помеѓу Институтот и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
„Имајќи предвид дека преку проектите и активностите кои се во процес на планирање ќе се обидеме да креираме стимул за младите, како и останатите целни групи на граѓани, да ја развиваат својата дигитална писменост со цел да го прошират своето знаење и да станат посвесни за овој феномен, бараме од вас поддршка во форма на покровителство преку која ќе се обидеме да застанеме на патот на дикриминирачкиот говор и заедно да ја менуваме свеста кај граѓаните, како и личната одговорност при комуницирањето во јавниот виртуелен простор“, се наведува, меѓу другото, во дописот кој ИДУЕП го испрати до Претседателот. Дописот е достапен ТУКА
Потпишаниот Меморандум помеѓу ИДУЕП и КСЗД е достапен ТУКА